Федерацијата на фармерите на Република Македонија преку својот секторски систем за лобирање во месец јули ја разгледуваше состобата со производството на грозје. Оваа година лозарството се соочува со голем проблем направен од пролетниот мраз на 22 април 2017 година кој уништи скоро 70% од овогодинешниот род. Имено според официјалните статистички податоци во Република Македонија 48000 индивидуални земјоделски стопанства егзистираат од проиводство на грозје и од вкупната обработлива површина во Републикка Македонија 5% се лозови насади, односно вкупно 23613 хектари се лозови насади, каде што најголем процент се наоѓаат во кавадаречкиот и неготинскиот регион. Токму овие семејства се најпогодени од пролетниот мраз, а со години наназад работат во загуба, каде што производната цена на винските сорти „смедеревка“ и „вранец“ се повисоки од откупната, и се доцни со исплатата на откупеното грозје.
По направена анализа од страна на Федерацијата на фармерите производната цена за винското сорта „вранец“ е 17 денари по килограм, а за винската сорта „смедеревка“ изнесува 16 денари по килограм. Со години средната цена на винското грозје е непромената и изнесува 13 денари за винската сорта „вранец“ и 11 денари за „смедеревка“, а во некои винарски визби е и пониска. На ваков начин земјоделците работат во загуба и од друга страна од некои откупувачи не им се исплаќа навремено за предадениот род.
ФФРМ преку разговор со своите членови лозаропроизводители и секторски пристап кон решавање на земјоделските проблеми ги донесе следните ставови и воедно ги достави следните Барања до ресорното министерство и до стопанските комори:
1. Цената за „вранец“ да биде 17 денари по килограм и 16 денари по килограм за винската сорта „смедеревка“.
2. Договорите помеѓу откупувачите, преработувачите со лозарите да бидат склучени пред откупот за оваа година и за тоа да се врши надзор од страна на МЗШВ преку Пазарниот инспекторат за склучувањето на договорите и нивно почитување.
3. Обештетување на лозарите и овоштарите кои претрпеа штета од страна на пролетниот мраз за кои што самите фармери проценетите штети ги пријавија во своите општини. Токму за ваквите климатски промени кои што прават големи штети во земјоделскиот сектор треба да се работи на едукација за адаптација на земјоделството на новата клима и токму една од најпогодените култури е грозјето и од суша и од мраз. Ваквите појави уште повеќе ги туркаат земјоделците во сиромаштија, затоа е потребна Ефективна Стратегија за адаптација на климатските промени на земјоделството на која што треба да работат за нејзино изготвување и државните институтии и невладиниот сектор за земјоделство и рурален развој.
4. И покрај тоа што има мали количини на производство оваа година, извозот за грозје треба да биде присутен, се со цел да се влијае на реализацијата на подобар откуп за грозјето.
За да може да се продискутираат овие актуелни состојби и проблеми иницирана е средба помеѓу здруженија на земјоделци каде што членуваат лозари, винарските визби, како и присуство на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.