Незаборавна вечер за публиката на фестивалот „Охридско лето“ приредија оперските пејачи Реј Ченез од САД, Фани Антонелу од Грција и македонскиот уметник Игор Дурловски кои настапија синоќа во црквата „Света Софија“, во придружба на грчкиот бароктен оркестар „Армониа Атенеа“ .
Македонскиот оперски пејач Игор Дурловски се претстави како контратенор со познтата арија „Verdi prati “ од операта „Алчина“ на Георг Фридрих Хендл.
„За синоќешниот концерт можам да кажам дека се работи за одличен ансамбл. Извонредни беа и колегите- солисти“, вели Дуровски.
За одбележување е што тој не толку често настапува како контратенор во Македонија.
„На сцените надвор сум настапувал, но сега ми е вторпат како пеам контратенорски арии во Македонија и ми е посебно драго што на ваков начин се претставив пред македонската публика, но и публиката којашто доаѓа од страна“, додава Дурловски.
Според него, задоволството од синоќешниот настап е уште поголемо поради акустиката што ја поседува катедралната црква „Света Софија“ која една од традиционалните сцени за музичките уменици на фестивалот „Охридско лето“.
„Секогаш кога настапувам на „Охридско лето“, како за секој уметник, не само македонски, туку и странските, е големо задоволство.Посебно ми е драго што настапив во црквата „Света Софија“ . Ми буди убави спомени затоа што моите први настапи беа токму во „Света Софија“ , а јас секогаш се навраќам на убавите спомени. Во моите петнаесетина-дваесет години колку што настапувам пред домашната публика, но и во Европа, сум бил еден од привилегираните и многу често сум настапувал на повеќето сцени на „Охридско лето“, вели познатиот оперски пејач Игор Дурловски.
Диригент на концертот беше Џорџ Петроу кој е и уметнички раководител на оркестарот „Армониа Атенеа“ со кој редовно одржува концерти, патува на турнеи, а снима и бројни материјали. „Армониа Атенеа“ е основан во 1991 година од страна на здружението „Пријатели на музиката“ во Атина и е еден од најактивните европски ансамбли со значајно присуство на меѓународната сцена.