Поранешна управителка на „Славија“ ДОО Скопје ја оштетила фирмата за 20.771.204 денари

СВР Скопје – Единицата за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава против А.С. (64), поранешна управителка во „СЛАВИЈА“ ДОО Скопје, поради постоење основи на сомнение дека во периодот од 2007 до 2010 година сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, со што го оштетила правното лице „СЛАВИЈА“ ДОО Скопје за вкупен износ од 20.771.204 денари.

Пријавената, која и претходно била кривично пријавувана за „злоупотреба на службената положба и овластување“, како управителка на правното лице, во периодот од 2007 и 2010 година, склучила договори со пет адвокатски кацеларии за пружање правни услуги со исплата на различен износ на месечен паушал. На тој начин овозможила исплата надвор од договорениот паушал во вкупен износ од 1.034.568 денари.

Исто така, пријавената признала и одобрила компензација на инвестициони вложувања од закупците во три објекти со стасаните месечни закупнини. Притоа, А.С. постапила спротивно на чл. 8 од склучените договори за закуп на деловен простор, според кој трошоците од инвестиционото вложување ги сноси самиот закупувач без право да ги компензира со стасаните закупнини и во ниту еден случај закупувачот по основ на какви било негови инвестиции, адаптации и други зафати не може да се стекне со сопственост или било кое друго право над објектот кој е под закуп. На тој начин пријавената го оштетила друштвото „СЛАВИЈА“ ДОО Скопје за износ од 2.914.199 денари.

Пријавената, исто така, во наведениот временски период, иако знаела дека сметката на СЛАВИЈА ДОО Скопје е блокирана, наместо да се грижи за одблокирање и да обезбеди услови за регуларно редовно работење на друштвото, постапувала спротивно на чл. 354 ст.3 од Закон за трговски друштва. Таа склучувала договори за цесија и асигнација со правните лица-закупувачи на деловен простор од „СЛАВИЈА“ ДОО Скопје и на тој начин овозможила прилив на 7.170.437 денари на сопствена сметка. Од извршена анализа на обезбедените податоци од банките во кои А.С. имала трансакциски сметки, утврдено било дека од вкупните приливи на нејзината сметка, во готово подигнала 2.393.000 денари, 4.202.000 денари биле подигнати од банкомати, додека 590.175 денари биле исплатени од нејзината трансакциска сметка на други правни лица за вршени набавки и користени услуги. На сметките на нејзино име во банките останале 232.956 денари.
Покрај ова, А.С. склучила и купопродажен договор со кој извршила противправна продажба на деловен простор со површина од 111 метри квадратни и подрумски простор со површина од 20 метри квадратни, лоцирани во центарот на Скопје, во сопственост на СЛАВИЈА ДОО Скопје. Купопродажниот договор бил склучен во корист на правното лице „АЛЕКСАНДРИЈА“ ДООЕЛ Скопје при што не бил почитуван предвидениот износ на пазарна вредност на недвижниот имот, согласно проценката по Методологијата за утврдување на пазарна вредност на недвижен имот. На тој начин пријавената го оштетила друштвото „СЛАВИЈА“ ДОО Скопје во вкупен износ од 9.652.000 денари.