„Жени со мустаќи“- ДримON ден 4

Што значи да се биде феминист/ка, дали патријархатот ни прави дисбаланс на моќ, кое е влијанието на културниот и општествениот систем на вредности во поглед на родовата дискриминација на сите нивоа, од дома, до пазарот на труд, и зошто момчињата мораат да си играат со колички и да носат сино, а девојчињата со барбики и да носат розово…

Ова беа оските на вчерашната дебата, насловена „Жени со мустаќи“, посветена на женските каузи, феминизмот и родовата еднаквост, која во рамки на Фестивалот за процесирање култура „ДримON“, се одржа под модераторство на новинарката Ана Јовковска.

Таа, како и соговорничките Ана Василева и Албулена Карага говореа за значењето на феминизмот, борбата на жената, наспроти нејзиниот статус во општеството, за аспектите на идеологијата за рамноправен свет. Настанот е поддржан од програмата “За женски каузи” на “Цивика мобилитас”.

„Секој што има чувство на правда тогаш може да каже дека е феминист или феминистка. Имам потреба да се правдам, но кога тоа е прашање на слободен избор, а не кога тоа е некаква наметната општествена матрица, норма или нечие очекување. Машкиот шовинизам многу пати се репродуцира низ генерации и генерации преку жени кои генерациски ги пренесуваат и си ги наметнуваат овие родови идентитети“ – рече Јовковска.

Василева го потврди ставот дека „како феминистка, долг период морала да се правда“.

„На почетокот мислев дека треба да докажеме дека феминизмот нема никаква омраза, туку се бори за хоризонтална правда. Но, по извесно време сфатив дека оние што постојано препрашуваат и бараат одземаат енергија, па престанав да се правдам. Ми стана јасно дека системско мажомразие не постои никаде, туку постои системска маргинализација на жените. Многу луѓе сметаат дека застапеност треба да е еднакво со воспоставување на одредени каузи. Доколку постои родова еднаквост во професиите, тоа автоматско не значи дека ќе има подеднаква распределба на моќта во општеството. Со самата застапеност не се гарантира нов вредносен систем“- вели Василева.

Карага ги отвори аспектите на жените во Армијата и посочи на изборот на професиите по терк, кој е родово поделен.

„Жените се обично во професии во кои што се очекува од нив тие да бидат нежни и грижливи, во нивоа каде нема многу моќ на одлучување. Се сведуваме во ситуација да имаме само 4 министерки, а се фалиме дека имаме една министерка за одбрана. Тоа што жените добија пристап до армијата за мене не значи напредок, од една страна важно ми е да добиваме простори кои не се освоени, но од друга страна важно ми е и да препознавеме структури коишто инхерентно се патријархални и кои генерираат опресивни односи“ – рече Карага.

Темата на женските каузи предизвика интерес кај публиката, која ја сочинуваше публика од различни генерации. 

Паралелно со панелот, во Фојаето на Домот за култура се одвиваше презентацијата за „Паратисима” Скопје. Беше претставен интернационалниот саем на современа уметност кој е отворен за сите форми на уметност и креативност.

ХИП-ХОП ДАМИ И ГОСПОДА!

До раните утрински часови ечеа звуците на хип хоп. Ѕвезди на вечерта беа српските “Bad Copy”, кои заедно со момците и девојките од треш колонијата ја распослаа десет метарската змија изработена од пластични шишиња и лименки. Завршница на вечерта имаше одличниот Гоце С.А.Ф. кој се погрижи најупорните посетители на „ДримON“ да се забавуваат со одлична музика.