На покана и во органазија на ТАВ Македонија, пет новинари од Полска ја посетија Македонија во текот на јули, за да ги искусат убавините на земјата и да ја промовираат како туристичка дестинација меѓу полските туристи, со цел поддршка на авиолинијата Катовице-Охрид и креирање на поголема понуда на летови од Полска во Македонија
Како продолжение на неодамна отворените сезонски чартер-летови од Катовице на охридскиот аеродром Св. Апостол Павле, ТАВ Македонија донесе пет новинари од Полска во Македонија, со цел да ги искусат убавините на земјата и да ја промовираат како туристичка дестинација меѓу туристите од Полска.
„Како што веќе знаете на 22. јуни на охридскиот аеродром Св. Апостол Павле почнаа сезонските чартер-летови од Катовице. Еднаш неделно, еден од најголемите полски тур-оператори Рего Бис, со секој лет кон нашиот аеродром носи 220 патници на Охридското езеро. Имплементирајќи ја неодамнешната успешна маркетинг активност со турските блогери за промоција на Македонија меѓу турските граѓани, презедовме многу слична маркетинг-иницијатива, со цел да ја промовираме Македонија како интересна туристичка дестинација меѓу туристичките агенции и тур-оператори од Полска како и самите патници од оваа земја. Од 17. јули до 22. јули пет новинари од Полска, од угледни печатени и онлајн медиуми ја посетија Македонија, конкретно Скопје и скопскиот регион (кањонот на Матка, винарии), Охридското езеро и Битолскиот регион, искусувајќи ги убавините на земјата и нејзиното културно-историско наследство. Очекуваме оваа активност да придонесе за повисока побарувачка на летови од Полска кон Охрид, со цел тур-операторот Рего Бис да ја операционализира најавената дополнителна дестинација – Варшава, како и да придонесе за отворање на дополнителни чартер летови од Полска до Македонија организирани од друг полски тур-оператор, за што сме во преговори долго време“, изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Како што објаснува Ерсој, ТАВ Македонија постојано презема слични маркетинг-активности не само за привлекување на авиокомпании и тур-оператори да почнат да летаат од двата македонски аеродроми – скопскиот Александар Велики и охридскиот Св. Апостол Павле, туку и да ги поддржи новоотворените дестинации и да создаде поголема побарувачка за летови кон Македонија од пазарите од каде што доаѓаат патници во земјава.
Охридскиот аеродром Св. Апостол Павле е во подем во изминатата една година, откако бројот на сезонски летови беше значително зголемен, кои што носат туристи на Охридското езеро од дополнителни четири нови пазари – Полска, Белгија, Израел, Србија. Освен традиционалните сезонски летови од Амстердам со Корендон и Туифлај кои секоја година функционираат кон охрискиот аеродром, во 2016 година чартер-летови од Брисел беа отворени од еден од најголемите европски тур-оператори Томас Кук; чартер-летови од Тел Авив беа отворени од израелската авиокомпанија Аркиа; сезонските летови на линијата Белград-Охрид од Ер Србија беа обновени, додека редовните авиолинии на Виз ер и Германиа Флуг кои функционираат преку целата година од Охрид до Лондон, Базел и Цирих, продолжуваат.
Во првите шест месеци од 2017 година, ТАВ Македонија забележа пораст од 6% на патничкиот сообраќај, споредено со истиот период минатата година, или на двата македонски аеродроми од јануари до јуни поминале вкупно 860.130 патници.
Се неодамна новоотворените рути од скопскиот аеродром Александар Велики до Малта, Рим, Ваксјо и Доха, како и со проширувањето на фрекфенциите на постоечките линии, од ТАВ Македонија очекуваат повисока стапка на пораст на сообраќајот во втората половина од годинава.