Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, придружуван од заменик претседателката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, заменик претседателот задолжен за спроведување на Рамковниот договор и политички систем Хазби Лика, министерот за надворешни работи Никола Димитров и пратеникот Стево Пендаровски е во Подгорица за Самитот на земјите на Јадранската повелба.
Премиерот Заев е претседавач на Самитот и ко-домакин заедно со неговиот колега, претседателот на Владата на Република Црна Гора, Душко Марковиќ, на којшто ќе присуствува и потпретседателот на САД, Мајк Пенс.
„Успехот на новата Влада на Република Македонија за напредок на Македонија е мотивација за регионот. Капацитетите на Владата да ги сработи потребните реформи се видливи. Се надеваме дека и Република Македонија ќе стане членка на НАТО“, рече црногорскиот премиер Марковиќ на билатералната средба со премиерот Заев, што се одржа пред почетокот на Самитот.
Премиерот на Република Црна Гора сподели значајно искуство, дека има голема промена во интересот на странските инвеститори за вложувања во Црна Гора откако државата стана членка на НАТО.
Премиерот Заев соопшти дека Република Македонија доби Влада посветена на реформите и на евро-атланските интеграции на државата, што треба да придонесат за квалитетен живот на сите граѓани на Македонија.
„Имаме стабилна Влада, којашто ги обединува сите граѓани и етнички заедници во државата. Енергично работиме на потребните промени, вклучувајки ги сите во општеството. Ги развиваме искрено и динамично добрососедските односи. Со ова, веруваме дека ги отвораме европските перспективи и се надеваме дека ќе бидеме следната членка на НАТО“, соопшти премиерот Заев.
Претседателот на Владата на Македонија, Заев, оцени дека со вчерапотпишаниот Договор меѓу Република Македонија и Република Бугарија за добрососедство, со интензивните контакти на регионално ниво, како денешната со црногорскиот премиер Марковиќ и изразените регионалните иницијативи за соработка, регионот испраќа позитивни пораки на зрелост што ќе бидат забележани и вреднувани во европските и НАТО интеграции на државите.
На билатералната средба, премиерите Заев и Марковиќ констатираа дека Република Македонија и Република Црна Гора се пријателски земји, коишто немаат отворени прашања и поради тоа имаат одлична основа за вистинско унапредување на односите. Се разговараше посебно за развој на економската соработка и поврзување на бизнисмените од двете држави.
Билатералната средба на премиерот Заев со премиерот на Црна Гора Марковиќ е вовед во денешниот работен ден во Подгорица на делегацијата од Република Македонија, што продолжува со отворена воведна сесија на Самитот на земјите од Јадранската повелба. На неа пред медиумите ќе се обратат премиерите Заев и Марковиќ и американскиот потпретседател Пенс. Предвидена е и работна сесија на којашто свои излагања ќе имаат сите присутни, премиерот Заев, како претседавач и ко-домакин на Самитот, премиерите на земјите членки на Јадранската повелба, на Албанија, Еди Рама, на Хрватска, Андреј Пленковиќ, на Црна Гора, Душко Марковиќ, на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, како и на земјите набљудувачи, на Србија, Ана Брнабиќ, на Словенија Миро Церар, на Косово, Хашим Тачи.
За Самитот во Црна Гора, во Подгорица се дојдени голем број новинарски екипи од регионот и случувањата се следат со голем интерес од домашната и меѓународната јавност.