Во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, во црквата „Света Софија“ вечерва со почеток во 20 часот и 30 минути ќе се одржи концерт на ерменскиот пијанист Рубен Далибалтајан. На репертоарот се дела од Шопен, Дебиси и Лист.
Рубен Далибалтајан е роден во Јереван (Ерменија) каде го завршува основното музичко образование во класата на Анахит Шахбазјана, а потоа се сели во Москва каде продолжува да се едуцира во престижната академија за музика „Гнесин“ под менторство на проф. Артур Бернгхардт. Магистрира на Државниот конзерваториум во Москва во класата на Валериј Кастелски, а врз неговиот професионален и уметнички развој силно влијаат исклучителните уметници Борис Берлин, Лазар Берман и Алексис Вајсенберг.
Далибалтајан е победник на десет меѓународни натпревари во Ерменија, Кина, Хрватска и Италија. Уште како млад, Рубен Далибалтајан се позиционира на светската музичка сцена, а критиката го оценува како „суптилен пијанист чии изведби секогаш носат нешто ново и интересно“. Настапите го водат Далибалтајан во повеќе земји во Европа, Азија и Америка како рецитален уметник, солист со оркестар или како член на камерни ансамбли – дуо со неговата сопруга Јулија Губајдулина или со триото „Амадеус“. Неговиот репертоар се протега од барок до современи автори со посебен акцент на романтичниот период во музиката.
Во 2000 година Рубен Далибалтајан почнува да предава на Музичката академија во Сараево, а во 2005 година станува професор и на Академијата за музика во Загреб. Од оваа година е гостин-предавач на Музичката академија во Лихтенштајн. Како дел од неговата педагошка работа одржува мајсторски курсеви и семинари, а често е член на жири-комисии на меѓународни натпревари. Еден од неговите значајни проекти е основањето на школата за пијано во Макарска во 2005 година заедно со Јулија Губајдулина.