Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР во врска со настанот на 11.08.2017 година во Струмица ги изврши потребните проверки и утврди дека полицискиот службеник неосновано, неоправдано и неправилно употребил средство за присилба- огнено оружје врз лицата Д.Т. и А.Г., односно постапил спротивно на одредбите од Законот за полиција. Против полицискиот службеник е поведена дисциплинска постапка пред надлежната комисија во МВР и со решение на министерот Оливер Спасовски полицискиот службеник ќе биде отстранет од работното место до завршувањето на дисциплинската постапка. До надлежниот јавен обвинител во Струмица е поднесена и кривична пријава поради основано сомнение дека полицискиот службеник сторил кривично дело „убиство во обид“, предвидено и казниво по член 123 и член 19 од Кривичниот закон на Република Македонија.
МВР најостро ги осудува обидите за манипулација со овој настан од страна на одредени политички субјекти. За разлика од времето кога раководството на МВР ги криеше злосторствата од јавноста, МВР сега демонстрира максимална транспарентност и професионално работење со цел да обезбеди законите да важат подеднакво за сите.