Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „тешки дела против безбедноста во сообраќајот“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против Х.Ј.(30) од тетовското село Пршовце.
Пријавениот, казненото дело го сторил на 12-ти јуни оваа година во 12 часот и 30 минути со предизвикување сообраќајна незгода на регионалниот пат Подмолје – Струга. Сообраќајната незгода се случила меѓу патничките возила „Ренаулт“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од сега пријавениот и „Мерцедес“ со охридски таблици управувано од М.С. од Охрид, кои на патот се движеле во спротивни насоки.
Причина за сообраќајната незгода е недржење страна на движење на коловозот, односно не држење на возилото „Ренаулт“ управувано од пријавениот Х.Ј. поблиску до десниот раб од коловозот. Поради тоа, ова возило преминало на левата сообраќајна лента и со предниот лев дел удрило во предниот лев дел од патничкиот автомобил „Мерцедес“.
Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот од возилото „Ренаулт“, Е.Ј. од селото Пршовце кој бил пренесен и задржан во болницата „Св.Еразмо“ додека со полесни повреди се здобиле двајца сопатници од истото возило. Тие, заедно со возачот на автомобилот „Мерцедес“, кој имал полесни телесни повреди, по укажана неопходна медицинска помош во болницата, се пуштени на домашно лекување.
По овластување на Јавен обвинител, на местото на сообраќајната незгода, извршен е увид од страна на полициски екипи од полициската станица во Струга.