„Охридско лето“ вечерва ќе донесе концерт на пијано. Во црквата „Света Софија“ ќе настапи руско-австрикста пијанистка Лилја Зилберштајн.
На програмата се дела од Шуберт и Лист.
За Лилја Зилберштајн интернационалните успеси започнуваат во 1987 година кога победува на интернационалниот натпревар „Бузони“ во Болцано. Нејзината победа претставува вистинска сензација, а поминуваат пет години пред оваа награда повторно да му биде доделена на некој пијанист.
Концертните турнеи ја водат насекаде низ светот, и тоа низ повеќето европски земји, во Мексико, Јапонија, Кореја, Канада и Бразил. Зилберштајн го започнува музичкото образование на пет годишна возраст, а по 12 години поминати во класата на Ада Трауб во специјализираното музичко училиште „Гнесин“, таа станува дел од класата на Александар Сатц во Институтот „Гнесин“ во Москва, каде дипломира во 1988 година. Во 1991 година дебитира со Берлинската филхармонија, под диригентската палка на Клаудио Абадо со кој често ќе соработува низ годините.
Настапува со некои од најзначајните светски оркестри како симфонискиот оркестар во Чикаго, оркестарот на Миланската „Скала“, симфонискиот оркестар „Чајковски“ во Москва, Лондонскиот симфониски оркестар, како и Кралската филхармонија, оркестарот на државната капела во Дрезден и многу други. Соработувала со светски познатите диригенти Џон Акселрод, Пааво Берглунд, Семјон Бичков, Густаво Дудамел, Кристоф Ешенбах, Леополд Хагер, Дмитри Китајенко, Марчело Виоти и Ентони Вит. Во август 1998 год. и е доделена наградата од страна на Музичката академија „Чигиана“ во Сиена, признание со кое пред неа се закитиле Гидон Кремер, Ан- Софи Мутер и Кристијан Цимерман.
Лилја Зилберштајн снимила 8 ЦД-а за „Дојче Грамофон“ на кои се поместени рецитали и концерти за пијано и оркестар. Неодамна таа издаде уште неколку ЦД-а меѓу кои и она со сонатата за две пијана од Јоханес Брамс каде свири заедно со Марта Аргерич, со која често соработува. Оваа година настапите ја водат во концертните сали во Кина и Тајван, во САД и Јужна Америка, а повторно ќе настапи на Велигденскиот фестивал во Салцбург и во Виенскиот „Музикферајн“.
Ова извонредна пијанистка често е член на жири-комисиите на повеќе значајни натпревари за пијано. Голем дел од нејзиното време е посветено на едукација на млади музичари, а од 2015 година е професор на Универзитетот за музика Виена, наследувајќи ги класите на Паул Бадура Скода и Олег Мајсенберг.
Вечерашниот концерт ќе започне во 20 часот 30 минути.