Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, од денеска ќе престојува во работна посета на Француската Република, по повод учеството на лидерскиот форум во рамки на 38. сесија на Генералната Конференција на УНЕСКО.
Претседателот Иванов ќе се обрати на пленарната сесија на отворањето на лидерскиот форум, на тема „70 години УНЕСКО – мир и одржлив развој во сложен свет”.
Македонскиот претседател ќе присуствува и на свечената церемонија по повод 70 годишниот јубилеј од формирањето на УНЕСКО.
Во рамки на учеството на 38. сесија на Генералната Конференција на УНЕСКО, предвиденa е средба на претседателот Иванов со Генералниот директор на УНЕСКО, г-ѓа Ирина Бокова, како и средби со дел од присутните лидери, учесници на форумот.
За време на работната посета на Француската Република, претседателот Иванов ќе ја посети Maкедонската православна црковна општина „Св. Кирил и Методиј” во Париз. Македонскиот претседател ќе оствари средба и со истакнати бизнисмени – претставници на Клубот Македонија 2025 – Франција.