Феноменален концерт со избрани дела од познати композитори приредија на фестивалот „Охридско лето“ македонските виолинисти Костадин Богданоски и Климент Тодороски придруживани од пијанистите Марија Ѓоршевска и Дино Имери.
Во преполната црква „Света Софија“ каде имаше бројни странски посетители одекнуваше убава и избалансирана програма од разни епохи и разни стилови.
Мислам дека беше програма која не е непозната и има одлична динамика.
Соната еден од Шуман е вистински десерт за слушателот бидејќи бара еден многу префинет стил, една леснотија во свирењето. Имавме композиција „Од татковината“ која мене на некој начин емотивно ме поврзува дури и самиот наслов, без разлика што е од чешки автор, сепак има нешто славјанско во неа.
Богданоски-Ѓошевска го завршија концертот со прекрасно дивертименто од Стравински коешто е како една сликовница за животот на авторот од неговите денови во Русија па до неговите денови во Америка.
Тие фолклорни руски мелодии коишто можат да се забележат во дивертименто, понатаму следи швајцарскиот танец, па еден импресионизам кој е присутен во неговата музика, па до крај имаше и примеси на џез и свинг како Гершвин.
Преку синоќешниот концерт на „Охридско лето“, Богданоски настапува пред македонската публика првпат по десеттина години.
Македонскиот виолинист Климент Тодороски кој е роден охриѓанец, пак, не настапува првпат на „Охридско лето“. Тој беше дел од фестивалот заедно со Македонската филхармонија.