ОО СДСМ Охрид испрати соопштение до медиумите, во кое стои:
„Во сред летна сезона на Никола Бакрачески и ДПМНЕ им текна дека се ближат локалните избори, па ја пуштија механизацијата на терен да ја замајува јавноста дека нешто се работи. Оваа локална самоуправа позната по бекатон плочките апсолутно ништо не работи и тоа на охриѓани им е повеќе од јасно. Доволно е само да се прошета низ градот на неколку локации за да се добие потврда за незаинтересираноста на оваа локална самоуправа за сопствените граѓани.
А граѓаните паметат, паметат што е ветено, и гледаат што од тоа не се остварило. Бакрачески и ДПМНЕ на последните локални избори ветуваа брз развој на општината нели потпомогната од цврстата рака на вечниот лидер Груевски, реализација на капитални инвестиции што ќе им значеле на охриѓани. Арно ама, еве не четири и кусур години подоцна, нема ниту еден реализиран капитален проект.
Нема затворен пливачки базен, нема нова автобуска станица, нема затворен зелен пазар, нема дом за стари лица. Ставија господата од ДПМНЕ по некоја тула во обид да ги излажат граѓаните, ама велат, една слика вреди илјада зборови, а од ветувањата на ДПМНЕ не се гледа ништо. И не само што Охрид не виде аир од долгата рака на ВМРО туку ја почувствува со сета сила нивната забеганост, расипаност, нивните тендер политики и од централата и од локалната власт. Наместо автобуска станица, охриѓани добија бетонско чудовиште на Плаошник, наместо канализациони мрежи во населените места, Охрид доби бекатон патеки кои не водат никаде, наместо затворен базен, затворен пазар, дом за стари, Охрид доби предупредувања за бришење од листата на природни и културни богатства на УНЕСКО, најголем број на иселени млади од земјава, апсолутно никаква иднина.
И не почитувани, четири години не им беа малку за да направат нешто што ќе остане како трајно добро за охриѓани, впрочем сите наводни активности за реализација на нивните капитални проекти ги направија во последната година од мандатот, веројатно свесни дека никогаш нема да ги реализираат. Најголем приоритет на ДПМНЕ му беа тендерите, а не потребите на граѓаните, затоа од проектите нема ништо. По 15ти октомври, Охрид ќе добие нова, одговорна локална самоуправа предводена од СДСМ која ќе покаже како навистина се сака Охрид, не со бекатон патеки и кружни текови туку, со реални проекти, со задржување на младите, со нудење подобра иднина.“– се вели во соопштението.