Средба на претседателот Иванов со делегација од Факултетот за безбедност – Скопје

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска прими делегација од Факултетот за безбедност-Скопје во чиј состав беа деканот проф. д-р Никола Дујовски, продеканот за наука и развој доц. д-р Марјан Ѓуровски и проф. д-р Владимир Ортаковски.

Претседателот Иванов нагласи дека Факултетот за безбедност како високо образовна институција со своите активности придонесе за мирен и стабилен развој на Република Македонија, во нејзините демократски процеси, воедно постигнувајќи значајни резултати во работата, особено во едукацијата и образованието на кадар за потребите на безбедноста и одбраната на Република Македонија и научното истражување.

На средбата беше истакнато дека изминатите четири децении многу генерации од Факултетот за безбедност-Скопје дадоа значаен придонес преку посветеното работење, пожртвуваност и истакнување за време на мир и кризни состојби.

Да се студира на Факултетот за безбедност-Скопје претставува вистински избор за наобразба и придонес кон подигнување на високите стандарди на кадарот во безбедносните институции и недржавни актери во земјата, подвлече претседателот Иванов, кој го потенцираше позитивното исксуство од дипломираните студенти на овој Факултет.

На средбата се иницираа заеднички научно-истражувачки проекти од областа на надворешната политика, безбедноста и одбраната со кои ќе се даде придонес за надлежните институции како што е Кабинетот на Претседателот на Република Македонија и за неговото работење како врховен командант на вооружените сили на државата.

Факултетот за безбедност-Скопје одбележува 40 години од неговото формирање и има постигнато високи резултати во доментот на високото образование за потребите на безбедносниот систем на Република Македонија и другите актери, како и општествени, безбедносно-одбранбени и научно-истражувачки работи.