Во врска со соопштението од СДСМ Охрид, реакција испрати Општина Охрид во која стои:
„Господа од СДСМ Охрид, дефинитивно и доколку доктор ви препорача поголема диоптрија вие повторно нема да видите ништо. Заслепени од преголемата желба за власт никако неможете да ја видите и почуствувате вистинската битка за подобар живот за граѓаните на Охрид, која оваа Локална самоуправа секојдневно ја води во изминативе нешто повеќе од четири години. Точно е дека граѓаните знаат и паметат и што е најважно не забораваат кој го уништи Охрид.
Терминот – Локална самоуправа позната по бехатон плочки, кој е силно врежан во вашата меморија како термин кој доследно ја отсликува Локалната самоуправа која вие ја предводевте. Граѓаните незабораваат дека бехатон плочки поставувате еднаш или ниеднаш, најчесто неадекватни за просторот каде се поставуваат, а за истите повеќекратно плаќавте фактури и ситуации. И така некако успеавте Охрид да го направите најзадолжен град можеби и во светски рамки.
Џабе се обидувате континуирано да ја замајувате македонската јавност со генезата на долговите. Уште еднаш јавно ви кажуваме дека Охрид се задолжил и тие долгови достигнале највисоки цифри во времето кога СДСМ осум години владееше со Охрид. Ние денес со гордо крената глава горе може да Ви кажеме дека за време на нашиот мандат вративме сума нешто повисока од 13 000 000 (тринаесет милиони) евра, долгови кои се ваши и само ваши, а притоа сите обврски кон економските оператори кои работеле со Општина Охрид во изминатиот четири годишен период се подмирени.
Значи почитувани господа од СДСМ Охрид, ние со нашето работење воопшто не сме ја задолжиле Општина Охрид, а вративме цели 13 000 000 (тринаесет милиони) евра од вашите долгови кои ги оставивте на Охрид. Тоа е факт од кој никогаш и никако не можете да избегате.
Освен малкумина во вашата партија кои се заслепени од сопствената безидејност, немоќ и љубомора затоа што тие не направија ништо за Охрид, сите други граѓани на Охрид ги гледаат делата на оваа Локална самоуправа и ги чувствуваат придобивките од илјадниците метри асфалтирани улици, изградба на водоводни и канализациони мрежи, уредени тротоари, инвестиции во спортот, културата, социјалата, образованието, промоција на Охрид во светски значајни центри и метрополи и многу други активности кои ги отсликуваат потребите на граѓаните на Охрид.
Во однос на капиталните проекти за разлика од вас кои секоја година од вашиот мандат на Охрид му ветувавте затворен зелен пазар или пак ја срушивте автобуската станица во центарот на Охрид и ја заменивте со згради, во наше време во Охрид се градат и современ пазар и современа автобуска станица. Наскоро започнува изградбата и на старечкиот дом. Делата не разликуваат нас од вас.
Ако се сублимираат сите резултати од работењето на оваа Локална самоуправа во изминатите четири години, недвојбено е мислењето дека таа за четири години направила повеќе отколку сите претходни локални самоуправи во периодот на независна Македонија заедно.
И за крај сакаме отворено да ве прашаме:
– Дали вие давате налог на охридската полиција, која е предводена од кадри на СДСМ, со сите сили да ги опструира проектите кои Локалната самоуправа ги има отпочнато, а се во интерес на граѓаните со цел истите да не се завршат?
Можеби подобро ќе биде да давате налог до одговорните во СВР Охрид да преземат мерки со кои ќе ги заштитат јавните добра од атакот на насилниците. Тоа им е основна работа за која впрочем граѓаните ги плаќаат.
Изборите ќе дојдат и ќе поминат, а граѓаните на Охрид никогаш повеќе нема да им веруваат на убавите зборови на СДСМ.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.