Согласно член 1 од Одлуката за утврдување распоред на работното време во Владата на Република Македонија, министерствата и другите органи на државната управа објавена во „Службен весник на РМ“, бр.86 од 10.07.2017 година, Mинистерството за труд и социјална политика испрати допис до јавните установи за деца/детските градинки, со кој се информираат за потребата од двосменско работење и тоа од 07:00 до 14:30 часот и од 14:00 до 21:30 часот, како и првата сабота во месецот од 08:00 до 16:00 часот, а одлуката ќе отпочне да се применува од 1 септември 2017 година.
Јавните установи за деца кои во својот состав имаат повеќе објекти и групи во други просторни услови, двосменското работење и првата работна сабота во месецот може да го организираат во еден или повеќе објекти, согласно потребата на децата и родителите. За да се направат реални проценки, до градинките е доставен и анкетен лист за секој родител, со кој ќе се утврди потребата од воспоставување на двосменско работење и прва работна сабота во месецот.
Досега шест градинки веќе ја потврдиле потребата од воведување втора смена и тоа е одобрено од страна на Министерството. Станува збор за 6 детски градинки и тоа во: Гевгелија, Кочани, Радовиш, Охрид, Тетово и Прилеп. Напоменуваме дека во изминатите децении, двосменски работеле само четири градинки на територијата на цела држава.
По добивањето на резултатите од извршената анкета за потребата од воспоставување на двосменско работење ќе се утврди точниот број на установи кои ќе работат во две смени. Тоа секако ќе предизвика и потреба од вработување дополнителен кадар во овие установи за деца, кои и без оваа промена се недоволно екипирани.
Министерството во соработка со локалните самоуправи во Република Македонија, работи во насока на подобрување на генералната состојба на опфатот на деца во градинки. Потребата од проширување на капацитетот на установите кои згрижуваат деца, како и потребата за отворање на нови градинки е повеќе од евидентна и треба заеднички да го решаваме ова прашање, за да се надминат проблемите со кои се соочуваат голем број родители низ државата, и во урбани и во рурални средини. Од општините се побарани локации и објекти за оваа намена, и од голем дел веќе се доставени предлози.
Во врска со воведувањето на втора смена во градинките, министерката Мила Царовска денеска одржа прес конференција.