Армијата на Република Македонија 25 години ја оправдува довербата на граѓаните

На платото пред Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ со постројување на припадниците и вработените во МО и АРМ свечено се одбележа Јубилејот 25 години Армија на Република Македонија. На денешната свеченост министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и Началникот на ГШ на АРМ, Генерал потполковник, Методија Величковски положија венци со свежо цвеќе пред спомен обележјето на загинатите бранители од 2001 година.

По повод денешниот ден 18 Август, министерката Шекеринска се обрати пред присутните при што истакна:

„Оние кои ја носат униформата на Армијата на Република Македонија, оние кои нашата безбедност ја превземаат како нивна одговорност, оние кои по службена должност и нивните животи се подготвени да ги ризикуваат за нашите вредности, токму на нив како министерка за одбрана и како граѓанин, им оддавам почит и им искажувам искрена благодарност“.

Во своето обраќање пред присутните министерката Шекеринска додаде дека во сите изминати години, припадниците на Армијата на Република Македонија биле со граѓаните кога било најтешко. Таа упати уверување кон сите војници и старешини кои учествуваа во гаснењето на пожарите дека ќе бидат и парично наградени.

„Оваа непоколеблива посветеност и жртва заслужува да се вреднува. Превземам обврска – сите војници и старешини кои учествуваа во гаснењето на пожарите ќе бидат и парично наградени. Храброста не се плаќа со пари, но и грижата не смее да останува само на зборови. Храброста и херојскиот напор на нашите војници не смеат да поминат без признание“ – рече Шекеринска.

Министерката Шекеринска ги повика сите припадници на АРМ и МО, заедно да работат на заедничката визија, Македонија членка на НАТО, сигурна и просперитетна.

„За да ги постигнеме овие цели, ни треба дисциплина и конзистентност. Ни треба лидерството на секој од Вас. Некои од вас ќе работат на стратешките документи. Ќе треба да го надоместат изгубеното време. Некои ќе се посветат на дневното функционирање на Армијата и МО. Се обврзувам дека ќе помогнам да го подобриме, почнувајќи од елементарните услови за работа, обука и функционирање. Некои ќе продолжат со јакнење на големата доверба кај меѓународните партнери, со беспрекорните резултати покажани на тешки операции и мисии низ светот. Стабилна Македонија, безбедна Македонија, Македонија како полноправен член на НАТО сојузот е огромен чекор напред за развојот и просперитетот нашата држава, но и на целиот регион“.

На денешната свеченост беа прочитани наредбите за унапредените старешини и беа доделени признанија, награди и значки за придонес и развој на МО и АРМ. По повод денешниот Јубилеј, началникот на ГШ на АРМ, Величковски им додели плакети на првиот министер за одбрана и првиот началник на ГШ на АРМ, Трајан Гоцевски и генералот во пензија, генерал потполковник Митре Арсовски.

Во чест на одбележувањето делегации од Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија денеска положија венци со свежо цвеќе пред Споменикот на Партизански гробишта, на вечните домови на поранешните претседатели и врховни команданти Борис Трајковски и Киро Глигоров, и на гробот на генерал Михаило Апостолски.

Вечерва во 19.00 часот традиционално ќе биде извршена почесна артилериска стрелба, 10 артилериски плотуни во чест на денешниот Ден на Армијата, 18 Август.