ОСБСП: Нецелосна примена и почитување на законските одредби за безбедно управување на моторцикл во сообраќајот

Мотоциклистите спаѓаат во групата учесници во сообраќајот кои најмногу се изложени на опасности во сообраќајот со исклучително висок ризик за здобивање со смртоносни повреди во случај на сообраќајна незгода. Вршејќи одредени согледувања за примената на правилата и законските прописи кон кои моторциклистите треба да се придржуваат, Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот може да констатира нецелосна примена и почитување на законските одредби за безбедно управување на моторцикл во сообраќајот.

„Оваа констатације се однесува на дел од моторциклистите, претежно на помладите возачи на моторцикли, кои крајно несериозно и со голема брзина управуваат моторцикли, ја игнорираат законската обврска за користење на заштитна шлем ( кацига) како за возачот така и за сопатникот, управуваат моторцикл и разговараат на мобилен телефон или со сопатникот. Сето ова значи опасно одвлекување на вниманието на возачот кон безбедното управување на моторциклот и сериозна опасност за предизвикување сообраќајна незгода. Покрај ова, евидентно е дека, еден голем дел од помладите возачи на моторцикли, вршат непрописно претекнување, не даваат првенство на минување на останатите ранливи категории учесници во сообраќајот, воопшто не користат заштитна опрема (заштитна јакна, заштитна облека, заштитно елече и други додатоци (чизми, наочари, кожни панталони, ракавици) . Иако нивното користење не е задолжително со Законот за безбедност на патниот сообраќај и користењето на оваа заштитна опрема е препуштено на свеста и одговорноста на мотоциклистите, напоменуваме дека се работи за опрема што е исклучително важни за безбедноста на мотоциклистите и сопатниците на моторциклот.“ – велат од ОСБСП Охрид.

Со цел зголемување и унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата во Охрид, ОСБСП, во екот на сезоната за мотоцикли, повторно апелира до мотоциклистите да бидат внимателни и одговорни во сообраќајот, да ги почитуваат правилата за ограничување на брзината и да користат кациги и останата заштитна опрема за пасивна безбедност. Исто така апелираат и до другите учесници во сообраќајот да бидат претпазливи кон мотоциклистите и да ги почитуваат како рамноправни учесници во сообраќајот.

„Посебно апелираме до родителите да не подлегнуваат под притисокот и барањата на своите деца, да не им овозможуваат „ опасни играчки“ без претходно да им обезбедат основни знаења и способности за правилно и безбедно учество во сообраќајот. На овај начин, сакаме да придонесеме за унапредување на сообраќајната превенција, за намалување на ризиците во сообраќајот и можностите за сообраќајни незгоди, да ја подигнеме сообраќајната култура и јавната свест кај оваа но и кон сите категории учесници во сообраќајот од потребата за почитување на сообраќајните правила и прописи. Секогаш имајте во предвид дека почитувањето на сообраќајната сигнализација е основен предуслов за безгрижно патување и безбедно пристигнување на посакуваната дестинација.“– додаваат оттаму.