Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во „Вила Билјана” во Охрид ги прими годинешниот лауреат на наградата „Златен венец” на Струшките вечери на поезијата, американскиот поет Чарлс Симиќ, добитникот на наградата „Мостови на Струга” на СВП и УНЕСКО, хрватскиот поет Горан Чолакхоџиќ, носителот на наградата „Браќа Миладиновци”, македонскиот поет Михаил Ренџов и организаторите на 56. издание на Струшките вечери на поезијата.
Претседателот Иванов им честиташе на тројцата поети за наградите, оценувајќи ги како признание за нивната целокупна поетска дејност.
На приемот претседателот Иванов упати честитки за успешната организација на оваа поетска манифестација и изрази очекување дека тоа ќе продолжи и во иднина.
„Струшките вечери на поезијата имаат особено значење за презентација на македонското и светското поетско творештво, и за збогатувањето на македонската култура и за севкупната афирмација на Република Македонија во светот“, рече претседателот Иванов на средбата.
Годинешното 56-то издание на „Струшки вечери на поезијата” се одржува од 23 до 28 август, а на него учествуваат триесетина поети од Македонија и странство.
Во 2011 година претседателот Иванов ја одликуваше манифестацијата „Струшки вечери на поезијата” со Орден за заслуги за Република Македонија.