На спортско-рекреативниот центар ,,Билјанини извори”, со посебна свеченост, денеска заврши летниот камп на ФК,,Барселона” во Охрид. На свеченоста се обрати градоначалникот Никола Бакрачески.
-Незимерна е радоста да се гледа во деца чии лица ги краси насмевка и задоволство. Токму такви се лицата денес на учесниците на Фудбалската школа на светски познатиот клуб „Барселона“. И како не би било така, кога до пред некое време единствена можност да бидеме во контакт со овие фудбалски гиганти беа ТВ екраните и Социјалните мрежи. Но повеќе не е така.
Деновиве Вие имавте можност да бидете обучувани и подготвувани од врвни тренерски имиња. Од истите оние луѓе што ги подготвуваат големите фудбалски имиња, како Лионел Меси, Пике, Ракетич, Иниеста, Суарез и ред други фудбалски ѕвезди. Деновиве Вам Ви беа откриени големите фудбалски тајни од големите фудбалски мајстори. Се надевам дека голем дел од Вас ќе продолжат по овој пат и во блиска иднина ќе бидат дел од популарните светски фудбалски клубови. Но, тоа не е се што имавте прилика да го научите. Вие успеавте да научите и една голема животна лекција, а тоа е тимската работа. Оваа лекција нека Ви биде водилка во живтот без разлика за која и дејност да се определите.
Целокупниот овој спектакал, немаше да изгледа вака, доколку за тоа не се погрижија и стручните служби заедно со менаџментот на СРЦ „Билјанини извори“, за што искрено им сум благодарен, тимот професионалци што допатува директно од фудбалскиот клуб „Барселона“ и Вие – учесниците на фудбалската школа. Сите заедно успеавте, Охрид да го позиционирате на светската фудбалска мапа.
Охриѓани помалку се навикнуваат да бидат сведоци на одржувањето на големи светски доживувања во градот. Тоа нам ни дава дополнителен мотив и во иднина уште поенергично да се зангажираме и да работиме во насока на привлекување на уште поелитни спортски настани кој ќе ги запишеме во спортската историја во градот.
За крај уште еднаш им благодарам на сите инволвирани во ова светско збиднување, а Вам учесниците, Ви честитам за успешно завршената фудбалска школа- рече градоначалинот Бакрачески.
Координаторот на школата на ФК,,Барселона” Језус Алманса Монсерат , рече дека кампот успешно завршил и изрази надеж дека следната година повторно ќе се организира. На деведесеттината учесници, им беа доделени сертификати за учество, а посебната награда, оргиналниот дрес со потпис на сите играчи на ФК,,Барселона”, му припадна на учесникот Леон Божиновски.