Честитка од претседателот Иванов по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и до сите верници од православна вероисповед.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми, Вам лично, на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното свештенство и монаштво, да упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник – Успение на Пресвета Богородица и да Ви посакам во добро здравје, радост и среќа да ги поминете празничните денови.

Веќе два милениумa, христијаните ја сметаат Богородица за благословената меѓу жените, преку која Бог се отелотвори и стана човек. Овој голем епитет го добила поради нејзината понизност, трпеливост и безрезервна мајчинска љубов. Во нашиот современ модерен свет во кој понизноста сè почесто се заменува со горделивост, трпеливоста со нетрпение, а љубовта со индиферентност, треба да се угледаме на Богородица, да живееме со подготвеност да си помагаме. Нека овој празник на Мајката Божја нè охрабри да се стремиме за слога, почитување и разбирање на сите граѓани на Република Македонија.

Да ни е честит празникот и за многу години.