Британска поддршка за изработка на Стратегискиот одбранбен преглед 2018

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска во Министерството се сретна со Стивен Гловер, советник за одбрана и безбедност во Одделот за стабилизација на Обединетото Кралство, кој престојува во дводневна посета на Република Македонија.

На средбата на која присуствуваа и британскиот амбасадор Н.Е. Чарлс Герет и одбранбеното аташе, потполковник Ричард Пери, беа разменети мислења и искуства поврзани со изработката на новиот Стратегиски одбранбен преглед, а стана збор и за можностите за поддршка во изработката на овој исклучително важен документ за одбраната, од страна на Обединетото Кралство.

Министерката Шекеринска на средбата информираше за рестартирањето на процесот за изработка на Стратегискиот одбранбен преглед, процес кој би требало да заврши кон средината на идната година. Изработката на овој документ се смета за клучна за квалитетно водење на одбранбените реформи и членството на Република Македонија во НАТО.

Британскиот советник за одбрана, Гловер ја изрази подготвеноста и интересот за советодавна поддршка од британска страна на овој важен реформски процес. Тој воедно ги истакна и британските искуства и научени лекции во поглед на изработка, но и имплементација на стратегиските одбранбени прегледи.

Во рамки на посетата на Македонија, Гловер ќе се сретне и со високи претставници од Кабинетот на Претседателот и Владата на Република Македонија, задолжени за одбраната и безбедноста, а средба ќе има и со претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието на Република Македонија.