Министерката за образование и наука, проф. д-р Рената Дескоска, оствари средба со Делегацијата на германското стопанство во Македонија, составена од Шефот на Делегацијата на германското стопанство во Македонија, г-дин Патрик Мартенс, координаторот на проектот, г-дин Тобијас Боле и проектниот асистент, г-дин Дејан Чуповски.
На средбата стана збор за популаризирањето на средното стручно образование и реформите во наставните планови и програми кои треба да придонесат во создавањето на млади луѓе кои по завршувањето на средното образование ќе бидат високо квалификувани и компетитивни на пазарот на трудот.
Министерката за образование и наука, проф. д-р Рената Дескоска, ја потенцираше потребата од вклученост на стопанската комора во процесот со цел подобро усогласување на потребите на пазарот на трудот и профилирањето на работниот кадар и истакна дека инвестирањето и модернизирањето на средното стручно образование ги зголемува шансите на младите за квалитетни работни места.
Според видот на образованието, оваа година бројот на новозапишани ученици во гимназиите изнеснува 6665 ученици, додека пак бројот на новозапишани ученици во средните стручни училишта изнесува 10023 ученици.