Од утре двосменско работење на шалтерите во Централната управа на Царинска управа

Царинската управа на Република Македонија воведува двосменско работење на шалтерите во својата Централна управа, што ќе се применува од утре (01.09.2017 година), во согласност со Одлуката за утврдување распоред на работното време во Владата на Република Македонија, министерствата и другите органи на државната управа.

Двосменското работење, во чиј фокус е ефикасно и ефективно исполнување на работните задачи и поголема достапност за граѓаните, предвидено е да се применува во службите што имаат непосреден контакт со странки при издавање на лични документи, дозволи, потврди и слична документација.

Следствено на ова, Царинската управа денес донесе интерна Одлука за утврдување на распоредот на работното време за Царинската управа, според која е предвидено организационата единица за канцелариско и архивско работење во Централната управа на Царинската управа на Република Македонија да работи во две смени од понеделник до петок од 07.00 до 14.30 часот и од 14.00 до 21.30 часот и секоја прва сабота во месецот 08.00 до 16.00 часот. На овој начин дополнително ќе се излезе во пресрет и ќе се овозможи поголема достапност за физичките и правните лица за завршување на потребните формалности.

24 часа непрекинато работно време секој ден во годината е определено за царинските испостави на граничните премини во Царинарниците, Одделението дежурен царински центар, Одделението за оперативни работи во Секторот за контрола и истраги, службите за управување со гранични премини по царинарници, во Одделение за управување со гранични премини во Секторот за административни и технички работи.

Царинската управа секогаш ќе се стреми да биде ефикасен сервис на граѓаните, економските оператори и државата.