Пристигнавте на првата станица од ова патување, на школата наречена живот во 21 век. Се надевам дека вашите предавачи ви помогнаа да осознаете кои се предизвиците на ЕУ, што се случува во САД, што е позадината на успехот на Кина, каков ќе биде светот во кој ќе живеете. Користете го стекнатото знаење, споделувајте го, применете го и на тој начин бидете успешни, бидете позитивен пример за другите, исполнети со надеж за животот што стои пред вас, порача претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов на 40-те учесници на осмата Школа за млади лидери што од 21 август се одржуваше во Охрид.
Претседателот Иванов им рече на младите лидери да не веруваат на ниту едно од предвидувањата за некакви црни сценарија за кои времето покажа дека не се оствариле туку напротив – самоуверено да чекорат напред низ животот исполнет со многу нови сознанија, технологии, вештини во кој, како што забележа „ќе доминира биологијата заедно со нано-технологијата, во време кога информатиката вмрежена со вештачката интелигенција ќе нуди одговори на прашања и на предизвици за кои претходните генерации не ми замислувале дека човекот може да навлезе во тие сфери…”
„Во 21 век ќе се соочите со многу иновации и применето знаење. Ќе видите дека богатството доаѓа од знаењето. Од вас очекуваме во ова време сосема поразлично од досега, преку овој начин на совладување на новите вештини и знаења да бидете уште поуспешни и да предводите, како што и вашите претходници веќе управуваат со институции, корпорации, фирми, јавни установи”, додаде тој, посакувајќи им преку Алумни асоцијацијата на Школата да ги споделуваат стекнатите знаења, а преку љубов и почитување и преку развивање на остварените контакти и пријателства да дојдат до остварување на личната среќа и професионална реализираност.
Поранешниот претседател на Република Албанија Реџеп Мејдани за Школата за млади лидери во Охрид рече дека е добро осмислена иницијатива, позитивен пример за дообразување на младите луѓе.
„Секоја иницијатива, школа, организација што има за цел зближување на младите луѓе, нивна едукација служи во насока на нивна понатамошна соработка за остварување на заеднички цели и повисоки интереси, во служба на мирот и напредокот“ рече Мејдани.
Десетдневната Школа што веќе традиционално се одржува на иницијатива на претседателот на Република Македонија има за цел преку предавања и обуки од сферите на лидерството и менаџментот да им даде можност на младите, талентирани и иновативни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и лидерски способности.
Во изминатите осум години на школата учествуваа повеќе од 300 млади луѓе и над 160 реномирани предавачи, меѓу кои Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешка и на Латвија, Вацлав Клаус и Ваира Вике – Фреиберга, поранешните претседатели на Србија, на Бугарија и на Албанија, Борис Тадиќ, Георги Прванов, Петар Стојанов и Бамир Топи, поранешниот потпретседател на ЕК и поранешен министер за надворешни работи на Италија, Франко Фратини, претседателите на Светската и на Европската академија на науките и уметностите, Иво Шлаус и Феликс Унгер, како и голем број амбасадори, функционери од ЕУ, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании и професори од реномирани светски универзитети.
Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, коешто низ семинари, панел дискусии, предавања и учества во младински настани, овозможува продолжување на развојот на нивните знаења и вештини.