Министерката Дескоска одржа прес-конференција за преземените активности за отпочнување на новата учебна година

Денес, 01.09.2017 година, министерката за образование и наука проф. д-р Рената Дескоска, одржа прес-конференција со цел да ја информира јавноста за преземените активности за отпочнување на новата учебна година.

Во продолжување, ја пренесуваме во целост изјавата на министерката за образование и наука проф. д-р Рената Дескоска.

„Почитувани претставници на медиумите,

Се наоѓаме на прагот на новата учебна година која ќе започне на 4 септември, согласно објавениот Годишен календар.

Денеска сакам да Ве информирам за преземените активности за отпочнување на новата учебна година.

Оваа учебна година во основните училишта се запишани вкупно 20 437 првачиња. Од нив наставата на македонски јазик ја следат 13 218 ученици, на албански јазик 6419 ученици, на турски 738, на српски 16 ученици и 46 на босански јазик.

Во средните училишта се запишани вкупно 17364 ученици во прва година, од кои настава на македонски јазик ќе следат 13 349 ученици, на албански јазик, 3765 ученици и на турски јазик 144 ученици, додека пак, 106 ученици по втор пат се запишани во прва година.

Овие бројки за основните и средните училишта не се конечни. Крајните официјални бројки ќе бидат познати во средината на септември.

Наставата се одвива во вкупно 362 јавни основни и 108 јавни средни училишта.

Во текот на вчерашниот ден, во согласност со законот, заради вршење на итни и неодложни работи, односно непречено одвивање на наставниот процес, одобрени се нови вработувања во повеќе училишта низ Македонија.

– Учениците во општина Дебар, ќе добијат можност да ја следат наставата на македонски јазик во порастеретени училници, бидејќи е одобрено ново вработување на одделенски наставник.

– учениците Албанци од Куманово за прв пат ќе добијат можност да учат солфеж на својот мајчин јазик во музичкото училишта “Панче Пешев”

– учениците од прво одделение во училиштето “Братство” во општина Карпош наставата ќе ја следат во помали одделенија, бидејќи одобрено е ангажирање на дополнителен број наставници

– ист е случајот и со учениците во општина Аеродром каде се одобрени дополнителни вработувања во одделенска настава со цел да се одозможи целодневна настава, односно дополнителен престој на учениците во основните училишта “Браќа Миладиновци”, “Блаже Конески”, “Лазо Ангеловски”.

– Нови вработувања се одобрени во основното училиште “Дитурија” во Сарај, во “Димитар Беровски” во Ѓорче Петров, “Лирија” и “Истикбал” во Тетово, во “Васил Главинов” во Велес, во “Живко Брајковски” во Бутел, во “Маршал Тито” и во “Сандо Масев” во Струмица, во “Гоце Делчев” во Вељуса, основното училиште “Кочо Рацин” во Куманово, во основното училиште “Браќа Миладиновци” во Пробиштип, во “Фаик Коница” во Липково, за настава на турски јазик во “Тефејуз” во Чаир, во Крум Тошев во Гази Баба и др.

– Во средните училишта, даваме целосна поддршка на Спортската академија за која е одобрено дополнително финансирање на дисперзираните студии во Тетово, Прилеп, Охрид, Штип и Битола

– Одобрено е доекипирање со наставен кадар во средното училише во Сарај и средното училиште “Шаип Јусуф” во Шуто Оризари.

– За нас сите ученици се важни и целта на овие одобрувања на ново финансирање е да има доволно наставен кадар во училиштата.

Што се однесува до учебниците по кои ќе учат учениците: за оние учебници во кои се пишува, согласно закон, се склучени договори и истите ќе бидат дистрибуирани до училиштата најдоцна до 15 септември. Истиот рок важи и за дистрибуција на најголемиот број други учебници.

– Минатата недела, испратен е допис до сите училишта и креирана е апликација преку која наставниците и професорите од сите училишта се поканети да укажат на грешки и проблеми во учебниците. На директорите им е испратена лозинка, која преку e-ucebnici.mon.gov.mk, наставниците можат лично да ги внесат бараните податоци. Ги очекуваме одговорите од наставниците и професорите до 15 септември и ја користам оваа прилика да апелирам до сите нив да се вклучат активно во овој консултативен процес.

– Во втората фаза ќе почне и консултативен процес за соодветноста на изборот на лектири за основно и средно образование.

Што се однесува до создавањето на услови за децата со посебни образовни потреби. Испративме барање до сите училишта да пријават број на ученици со посебни образовни потреби на кои им е потребен персонален асистент. Податоците сеуште не се конечни, но и откако ќе бидат добиени, ќе подлежат на процес на проверка. За најитна можна реакција, во соработка со УНДП, во процес на селекција се околу 70 персонални асистенти кои ќе поминат обука за да можат што е можно посоодветно да ги извршуваат своите задачи. Исто така, преку процес на консултација со здруженија на граѓани кои се занимаваат со прашањата за инклузивно образование, променети се два подзаконски акти кои регулираат одредени прашања од областа на образованието на децата со посебни потреби.

Во однос на условите кои постојат во училиштата и ученичките домови, побарав од директорите на училиштата и на ученичките домови да пријават потреба од капитални инвестиции и да го документираат тоа со фотографии од состојбите во училиштата и ученичките домови. Она што го видов и што Вие ќе имате можност да го видите е загрижувачко. Врз основа на овие информации кои ги добивме, ќе направиме и директен увид заради утврдување приоритетите за помош на општините кои не успеале да ги решат овие проблеми на училиштата. Според приоритетите, на прво место ќе биде обезбедување на елементарни услови за работа, односно оспособување на објектите од надворешни влијаниеја со реконструкција на крововите, фасадите и замена на прозорци. Потоа ќе се помогне на општините каде има потреба од подобрување на внатрешните услови на објектите како подови, санитарни јазли, загревање и сл. И третиот дел ќе биде помош во замена на инвентар во училиштата.

Во меѓувреме од 15 јуни до денес преземени се одредени активности за санација на повеќе училишта во Сарај, Тетово, Куманово, Демир Хисар, Дебар, Ѓорче Петров, Гостивар и село Страчинци. Во село Блаце е направена реконструкција на целиот објект.

Сооглед на тоа што согласно процесот на децентрализација, училиштата се во надлежност на општините, апелирам градоначалниците да направат промена на приоритетите и да го стават образованието и условите за настава на прво место. Во 21 век, учениците заслужуваат пристојни услови за учење.

На сите ученици, наставници и професори им посакувам успешна учебна година.

На наставниците и проферсорите, на почетокот на учебната година сакам да им порачам: Бидете посветени, иднината на светот е во вашите училници!

На учениците сакам да им порачам: Трагајте по знаење, затоа што образованието е патот кон Вашата слобода, знаењето е најсилното оружје со кое можете да го смените својот живот, со кое можете да го смените светот!”- истакна Дескоска.