СДСМ: Основците кои досега користеа организиран превоз сега ќе мора да се снаоѓаат како знаат и умеат

ОО на СДСМ Охрид, испрати соопштение до медиумите, во кое стои:

„Очигледно локалната власт во заминување, предводена од Бакрачески и ДПМНЕ, по теркот на нивниот лидер, Груевски, сака по нивното заминување да остави тотален хаос. Јасно е дека тие никогаш не се грижеле за потребите на граѓаните, но апсолутната негрижа за учениците говори за нивното лицемерие и безобразие. На само неколку дена до почетокот на новата учебна година, учениците во основно образование кои досега го користеа организираниот превоз, сега ќе мора да се снаоѓаат како знаат и умеат бидејќи Бакрачески и неговите експерти, навремено не избрале превозник кој ќе го спроведува тој превоз.

Оваа неспособна локална власт веројатно преокупирана со партиските приоритети, директно е најодговорна за тоа што оваа учебна година, образовните институции ќе ја започнат неподготвени. Тие мислат дека со бојадисувањето на училниците и бришење прашина од клупите ја завршиле работата и подготвени се да ги примат учениците.

Го потсетуваме Бакрачески дека според Член 61 од Законот за основно образование

цитираме: „ (1) Ученикот има право на бесплатен превоз ако местото на живеење е оддалечено најмалку два километри од најблиското основно училиште. “

Се чини дека Бакрачески и оваа локална самоуправа се премногу блиску до локалните избори, за да се грижат за тоа како од 4ти септември ќе доаѓаат на училиште овие деца.

Почитувани,

Ваквото однесување е крајно неодговорно и непрофесионално. Граѓаните се свесни и ќе ја казнат оваа локална власт за ваквата негрижа на престојните локални избори. По 15ти октомври, во Охрид ќе имаме нова локална власт предводена од Социјалдемократскиот Сојуз, власт која ќе се грижи за унапредување на образовниот процес и максимална грижа за сите ученици.“ – стои во соопштението на ОО на СДСМ Охрид.