Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, од 2ри до 4ти септември, ќе предводи голема владина и бизнис делегација, која ќе престојува во официјална посета на Израел на покана на премиерот на Израел, Бенџамин Нетанјаху.
Во владината делегација, покрај премиерот Заев, се и д-р Кочо Анѓушев, Заменик претседател на владата задолжен за економски прашања, Оливер Спасовски, Заменик претседател на владата и Министер за внатрешни работи, Крешник Бектеши, Министер за економија и Љупчо Николовски, Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Заедно со делегацијата на Владата на Република Македонија, во рамките на оваа значајна посета на Израел ќе патуваат и повеќе бизнисмени и претставници на компании од различни индустрии од Македонија.
Официјалниот дел од програмата започнува на 3ти септември, кога премиерот Зоран Заев ќе оствари средба со Претседателот на Израел Реувен „Руви“ Ривлин.
Програмата продолжува со положување венец на меморијалниот споменик на жртвите од холокаустот Јед Вашем, по што ќе следува работен ручек со членовите на израелскиот Совет за надворешни работи на кој свое излагање ќе има Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.
Во текот на попладнето, делегацијата ќе посети Инженерскиот акцелератор за иновативно претприемништво на Атобизраели Колеџот, како и неколку успешни старт-ап компании.
Првиот ден од официјалната посета на Израел ќе заврши со Македонско-израелски бизнис форум, кој ќе се одржи на тема „Интензивирање на бизнис и економската соработка меѓу Израел и Македонија“. На форумот свои излагања ќе имаат премиерот Зоран Заев, заменик премиерот задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, и министерот за економија, Крешник Бектеши. Форумот ќе завши со одделни средби и запознавања на македонските и израелските бизнисмени.
Во понеделник, на 4ти септември, Претседателот на Владата на Република Македонија ќе се сретне на работен ручек со премиерот на Израел, Бенџамин Нетанјаху.
Официјалната програма за овој ден предвидува и средба со лидерот на опозицијата Исак Херцог.
За време на оваа официјална посета, одделни средби со нивните колеги од Израел, ќе имаат и министрите за внатрешни работи, за економија и за земјоделство, шумарство и водостпанство.
Веднаш по пристигнувањето, на 2ри септември, во агендата на оваа официјална посета на владината делегација на Република Македонија на Израел е предвидено присуство на фудбалскиот натпревар Израел-Македонија.