Македонија слободна, слободно живее – ова е слоганот под кој ќе се одбележи оваа година Денот на независноста на Република Македонија, 8 септември.
Активностите започнуваат на 6 септември, среда, и тоа со целодневен спортски настан во организација на Агенцијата за млади и спорт на Кејот на Вардар.
Ќе се одржат: трка на кеј, одбојка на плажа, еколошка акција и чистење на кејот, ќе се постави на карпа за искачување, а ќе има и корнер за јога и кросфит вежби.
Утрото во 10 часот на 7 септември, Владина делегација составена од министрите Горан Сугарески, Роберт Алаѓозовски и заменик министерот Дејан Павлевски ќе ја посети реставрираната спомен куќа на Блаже Конески во село Небрегово.
Централната прослава за Денот на независноста на Македонија започнува во 17:30 минути во четврток, 7 септември со интерактивна уметничка инсталација – изложба на платото пред Владата и внатре во зградата. Владата ги отвара вратите на приземјето од својата зграда за сите заинтересирани граѓани на Република Македонија, каде преку визуелни елементи ќе бидат претставени мотиви од независноста и развојот на државата.
Во 18 часот ќе започне детската театарска претстава “Маша и нејзината приказна” – работена по популарната серија “Бајките на Маша”. Претставата е од интерактивен карактер, изобилува со музички делови, оригинални костими, а секако присутни се и едукативни моменти.
Граѓаните кои ќе присуствуваат на настаните ќе имаат можност да ги гледаат Dancers United, танцово студио за инклузивни настапи на танчери со Даунов Синдром и танчери со типичен развој.
Во 19 часот пред Влада на РМ, започнуваат со настап Гудачки квартет ВИВА Стринг, а по нив настапува Хорот при Македонската опера и балет со неколку кратки композиции од Прокопиев, како и изведба на химната на Република Македонија.
Обраќањето на Претседателот на Влада на РМ, е предвидено во термин околу 19:30 минути.
На централната прослава ќе настапат и повеќе музички изведувачи: Биг бенд на Здружението на џез музичарите на Македонија, Љубојна со специјалниот гостин Џамбо Агушев, Бени и Нон-стоп со специјален гостин Златко Ориѓански, Влатко Стефановски Трио, К’пурдат од Тетово, Шутка Рома Рап и хип хоп артистот Слаткар.
Сите активности се од отворен карактер, ги покануваме граѓаните да се приклучат и заедно да го прославиме Денот на независноста на Република Македонија.
На самиот 8 септември, Ден на независноста се одбележува и со положување свежо цвеќе на вечните почивалишта на претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски и пред споменикот „Ослободители на Скопје“ пред Владата, од страна на делегации на Влада на Република Македонија, предводени од премиерот Зоран Заев.