Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи имаше средба со Директорот на Фондацијата Конрад Аденауер во Македонија, Јоханес Реи.
На средбата Османи накратко го информираше Реи за неодамнешната посета на Берлин, каде се сретна и со Ларс Хансел, раководител на Одделот за Европа при Фондацијата Конрад Аденауер, а разговараа и за областите во кои може да се унапреди соработката во насока на поддршка на процесот на европска интеграција на земјата.
Вицепремиерот Османи посочи дека досегашното 17- годишно присуство на Фондацијата во Македонија беше посветено на промовирање на меѓуетнички и дијалог меѓу граѓаните од различна вероисповед, поддршка на граѓанското општество и придонесе за приближување на земјата до евро-атлантските структури. Во тој контекст, Османи побара таргетирана поддршка, бидејќи, како што рече, новата реформска агенда бара долгорочни инвестиции во овој период кога националниот буџет не е во добра состојба, и кога бележиме загуби од средствата од ИПА.
На состанокот Османи го запозна Реи и со новиот политички импулс во Македонија, фокусот кон евро-атлантските интеграции на новата Влада, имплементацијата на Планот 3-6-9, новиот политички моментум создаден по потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија, како и усвојувањето на новиот предлог-закон за јазиците со кој се затвора и последното отворено прашање според Охридскиот рамковен договор и порача дека Фондацијата Конрад Аденауер може директно да ги поддржи и Владата и политичките партии од сите страни на политичкиот спектар да работат заедички за реализација на реформите кои се од национален интерес, а за кои е потребен консензус од сите страни.