Република Македонија и Израел ја интензивираат соработката за безбедноста и во економијата

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од владина делегација и од повеќемина претставници на бизнис заедницата во Македонија е во официјална посета на Израел.

За време на посетата, предвидиени се средби на највисоко политичко ниво, а премиерот Заев ќе се обрати и на Израелскиот совет за меѓународни односи, како и на Бизнис форумот чиј организатор во Ерусалим е Владата на Република Македонија.

Премиерот Заев во Израел го придружуваат заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заменик претседателот на Владата за економски прашања Кочо Анѓушев, како и министрите за економија, Крешник Бектеши и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, кои исто така ќе имаат одделни средби во рамки на ресорните области.

Работниот ден на премиерот Заев и на владината делегација денеска почнува со средба со претседателот на државата, Руевен Ривлин.

Во втротиот дел од денот ќе се одржат Израелскиот совет за меѓународни односи и Бизнис форумот. Пораката на претседателот на Владата, Заев е дека за сите е потребен безбеден свет и дека Владата на Република Македонија е подготвена да придонесе во активностите за заштита на светскиот мир, затоа што само таа е можем спокоен живот на граѓаните каде и да живеат, како и економски напредок. Израел е инспиранивна држава во економскиот развој каде бележи светски успеси, поради што Владата на Република Македонија го иницираше Бизнис форумот, на којшто ќе бидат разменети искуства со бизнис заедницата од оваа држава за повеќе мерки што се Планирани и во Програмата на новата Влада, а се применуваат во Израел, како што се поддршката на домашните мали и средни претпријатија, отворањето старт ап компании, употребата на соларната енергија во енергетиката, системот “Капка по капка“ во земјоделството, како и развојот на туризмот, културата…

Премиерот и владината делегација ќе посетат и културно историски споменици, а претседателот на Владата, Заев, ќе има и молитва за жртвите од Холокаустот.

Предвидено е утре премиерот Заев да се сретне со домаќинот, неговиот колега, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Претседателот на Владата и владината делегација синоќа го проследија фудбалскиот натпревар помеѓу репрезентациите на Република Македонија и на државата Израел.

Со оваа официјална посета на Израел, владите на Република Македонија и на Израел испраќаат порака за интензивирање и продлабоќување на односите во двете клучни сфери од светско значење и од интерес на граѓаните во двете држави, безбедноста и економијата.

Во текот на денот ќе следуваат нови информации за текот на посетата на владината делегација на Република Македонија, на Израел.