Отворено писмо на министерката Дескоска по повод започнувањето на новата учебна година
Почитувани ученици, почитувани наставници и професори,
Дозволете најнапред да Ви го честитам почетокот на новата учебна година и да Ви посакам успех во учењето и работата. Секој почеток е нов предизвик, нова авантура, нова приказна. Во оваа влегуваме заедно!
Драги првачиња,
Пред Вас е нова страница од Вашиот живот, непозната, но возбудлива. Влегувате во светот на магичните букви и бројки, во светот на нови знаења и нови пријателства. Откривајќи ги тајните на учењето, ќе откриете дека училиштетото е едно големо магично игралиште, кое што чека да биде освоено, бидејќи со секое искачено скалило ќе дознавате нови работи и ќе постигнувате нови успеси.
Драги ученици,
На почетокот на оваа учебна година сакам да Ве потсетам дека образованието е едно долго патување, а не трка на кратки патеки. Другарувајте со книгите, откривајте ги тајните скриени во нив, отворете го умот за нови спознанија и за вистинските вредности. На ова долго патување, немојте да заборавите на важноста на пријателството, љубовта, солидарноста, одговорноста и посветеноста на градење подобар живот и подобар свет. На ова патување прочитајте ја книгата “Малиот Принц” и нека Ве води нејзината порака: “Не можеш да гледаш убаво без срцето, суштината е невидлива за очите.”
Драги наставници и професори,
Вие ја вршите најважната професија на светот, професијата која ги создава сите други професии. Вие сте оние кои ги описменувате нашите деца и се вложувате во нивниот успех. Вие сте оние кои ги мотивирате и ги насочувате, кои им го покажувате патот кон иднината! Бидете добар модел за нив и не заборавајте дека вистинското образование значи не учење на факти, туку учење на вредности!
Како институција надлежна за образованието во Република Македонија, Министерството за образование и наука е тука за Вас, за секој Ваш проблем, за секоја Ваша идеја за подобрување на воспитно-образованиот процес во земјата, со единствена цел заеднички да работиме и да создадеме систем со кој ќе се гордееме сите ние, а и нашите поколенија.
Дозволете на крајот уште еднаш да Ви посакам многу успех во текот на новата учебна година.
Министерка за образование и наука
Проф. д-р Рената Дескоска