Министерот Спасовски на меѓународна научна конференција во Охрид

„Во изминативе две децении земјите од Балканот, тргнувајќи по патот на евро-атлантските интеграции како примарен национален интерес, веќе ја одредија својата позиција, но и позицијата на регионот. Тоа, заедно со регионалните специфики и историско-политичкиот бекграунд истовремено ги детерминира и предизвиците пред кои што се исправени земјите од регионот“,рече министерот Оливер Спасовски во своето обраќање на отварањето на меѓународната научна конференција „Балканот помеѓу Западот и Истокот: стари и/или нови безбедносни предизвици“, што од денеска до четврток се одржува во Охрид во организација на Институтот за безбедност, одбрана и мир на Филозофскиот факултет од Скопје и Факултетот за безбедност од Универзитетот од Белград.

„Мигрантската криза, интернационализацијата на тероризмот, односно регрутацијата на терористички борци од земјите на Балканот, натамошното разгорување на состојбите на Блискиот и Среден Исток, и се подрските, но и пософистицирани терористички активности во Европа се предизвици и закани за кои што мораме соодветно да бидеме подготвени да се справуваме. Во рамки на таквиот безбедносен контекст мора да се додаде и фактот дека Балканот, односно оној негов дел којшто произлезе од распадот на СФРЈ, се уште заздравува од кризите во текот на деведесетите години од минатиот век. Од оваа временска дистанца и низ призмата на безбедносната проблематика, се наметнува заклучокот дека нас на Балканот многу повеќе работи не поврзуваат и упатуваат едни кон други, отколку што не раздвојуваат или туркаат во некакви различни табори. Заедничката соработка, особено во безбедносната сфера е нужност, без која што практично е невозможно успешното справување со глобалните закани како што се на пример миграциите или борбата против тероризмот“, рече Спасовски.

Ваквите научни и стручни собири, како овој исклучително значаен собир овде во Охрид, според Спасовски се конкретна контрибуција во детектирањето, појаснувањето и дефинирањето на безбедносните предизвици и одредници пред кои што сме исправени сите ние во регионов. Министерот Спасовски им посака успешна и плодна работа на учесниците на овој еминентен научен собир, потенцирајќи дека е убеден дека идеите, анализите и размислувањата изнесени овде ќе најдат и своја практична имплементација во заедничките напори за континуирано градење на квалитетен и ефикасен безбедносен систем од кој што сите ќе имаме полза.