Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на 5 и 6 септември 2017 година, ќе престојува во работна посета на Република Полска, по повод учеството на 27. Економски форум, што ќе се одржи во Крињица – Здруј.
Претседателот Иванов ќе се обрати на официјалната сесија на отворањето на Економскиот форум, на тема „Незавршена интеграција – аспирации на европските земји”, на која ќе говорат и претседателот на Република Полска, г. Анджеј Дуда и претседателот на Грузија, г. Гиорги Маргвелашвили. Главна тема на годинешниот економски форум е „Проект Европа – кој е рецептот за следната деценија?”.
За време на посетата предвидено е претседателот Иванов да оствари билатерална средба со претседателот на Република Полска, г. Анджеј Дуда.
На 6 септември 2017 година, среда, претседателот Иванов ќе се обрати на 12. Економскиот форум на млади лидери во Нови Сач.
Економскиот форум кој оваа година се одржува по 27. пат, претставува најголема и најреномирана конференција во Централна и Источна Европа со фокус на економијата и политиката во овој дел на континентот. Целта на оваа иницијатива е да се создаде поволна клима за развој на политичката и економската соработка во Европа. На форумот ќе присуствуваат над 3.000 учесници од повеќе од шеесетина земји од Европа и светот.