Почитувани граѓани, почитувани организатори од Граѓанската Асоцијација МОСТ и директор Дарко Алексов, почитуван амбасадор на Европската унија во Република Македонија, Самуел Жбогар, присутни од невладиниот сектор, медиуми.
Ве уверувам, Владата на Република Македонија, во граѓанска Македонија, гради институции за граѓаните и на граѓаните. И на престојните избори, што за прв пат по 11 години ќе ги организира нова влада, Владата од којашто што сум дел и којашто ја предводам, ќе ги заштитиме граѓаните и државата од какви било партиски влијанија.
Покажавме во првите 100 дена дека:
-Нема злоупотреба на јавните ресурси за лични и партиски цели.
Нема да има ни за изборни цели.
-Вршителите на јавни функции не ги злоупотребуваат своите активности за лични или партиски цели.
Ниту ќе има такви злоупотреби за изборни цели.
-Администрацијата ќе остане спокојна, како и во овие 100 дена по формирањето на новата Влада – уцени, закани, заплашувања, притисоци нема.
Нема да има ниту за изборни цели.
Ослободувањето на државните институции од партиски влијанија, или популарно наречено, Одвојувањето на државата од политичките партии, е обврска од Договорот од Пржино.
Тоа е укажување во досегашните извештаи на Европската комисија за напредокот на Македонија.
Тоа е препорака во досегашните извештаи на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР и на други меѓународни организации.
Тоа е барање на Граѓанската Асоцијација МОСТ, како и на други домашни набљудувачи на досегашните изборни циклуси.
Тоа е очекување на граѓаните.
Но, пред`се, почитувани граѓани, почитуван амбасадор на ЕУ, претставници на МОСТ, почитувани присутни, Одвојувањето држава – партија е даден збор, заложба, определба и стратешка цел на новата Влада на Република Македонија.
Колку сериозно како Влада пристапивме на решавањето на ова прашање, покажува тоа што внесовме низа заштитни механизми во реформската рамка, Планот 3-6-9, на чијашто имплементација посветено и енергично работиме.
Одржувањето фер и демократски избори е врвен приоритет на Владата на Република Македонија.
Постојат повеќе планирани мерки на краток, среден и долг рок што ќе ги преземеме, за да ги отстраниме недостатоците околу организацијата и спроведувањето на изборите и изборниот систем, според препораките на ОБСЕ/ОДИХР, Венецијанската комисија и во соработка со граѓанското општество во државава, со пријателите од ЕУ и со другите меѓународни организации.
Дел од нив се однесуваат и на мерки во функција на одвојувањето на државата од политичките партии и мене ми е навистина драго што денеска овде ќе зборувам и за ветени и завршени обврски.
Владата на Република Македонија, до денес, ги усвои сите мерки што досега можеа да се направат и зависеа од волјата и надлежноста на Владата за одвојување на државата и политичките партии, како и за одржувањето фер, слободни и демократски избори.
За Одвојувањето на државата од политичките партии, според Планот 3-6-9:
1.1.1. Владата усвои Инструкција со укажување дека, во врска со изборите, нема да се дозволи заплашување и притисок врз администрацијата, со охрабрување да се пријавуваат евентуалните случаи на притисок до надлежните органи, при што ќе следи суспензија на раководните лица доколку се утврди злоупотреба.
1.1.3. Обезбедивме средства во Буџетот за работниот ангажман на лицата во правното одделение во Државната изборна комисија (ДИК) до крајот на годината, со цел да може да дава навремено мислења по поднесените приговори.
1.1.4. Обезбедивме средства во Буџетот за работниот ангажман на лицата во секторите за Избирачки список и ИТ, во ДИК, до крајот на годината, со цел да се зголеми ефикасноста на Комисијата.
1.1.6. Владата усвои Упатство за забрана за користење државни ресурси од страна на учесниците и кандидатите за време на изборниот период.
1.1.7. Врз основа на ова Упатство, а во координација со другите надлежни институции и граѓански организации, Владата ќе донесе мерки со коишто ќе ги спречи учесниците и кандидатите да користат државни ресурси за време на изборниот период (користење службени возила, репрезентација, службен канцелариски простор, административни капацитети).
1.1.10. Владата донесе Одлука за доделување на трајно користење на ДИК, на просторот во којшто оваа институција е сместена.
Исто така, постои насока во Планот 3-6-9:
1.1.11. ДИК во соработка со МВР да продолжи со тековното ажурирање на Избирачкиот список.
Владата на Република Македонија е подготвена да формира Координативно тело кое што ќе го контролира процесот на доследно почитување на забраните што произлегуваат од Изборниот законик, во периодот од денот на распишување на изборите, до нивно завршување. Ова е идеја во функција на одржувањето слободни, фер и демократски локални избори на 15 октомври 2017 година, со цел унапредување на довербата во изборниот процес од страна на сите субјекти, како и заради превенција и оневозможување на каков било притисок врз граѓаните во поглед на нивното гласање на изборите, и за неа и денеска може да дискутираме.
Јас на крајот сакам да ве повикам како граѓански организации, бидете активни, потребни сте им на граѓаните и на државата, како Влада, ќе ве следиме внимателно и ќе ве сфаќаме сериозно како и досега- сите заедно да придонесеме во Република Македонија да се одржат фер и регуларни локални избори.
Ги повикувам граѓаните, отворен сум, отворени сме и како Влада, така мора да работат и државните институции: Сугерирајте`се што мислите дека е потребно и можеме да поправиме во функција на фер и регуларен изборен процес.
Очекувам принципиелна поддршка, како и за сите важни процеси за државата досега и од нашите пријатели од ЕУ, САД, ОБСЕ/ОДИХР.
И секако, упатувам апел до сите, посебно до раководните лица во владините и во државите институции: Нула толеранција ќе има за евентуални изборни злоупотреби!
Република Македонија, за краток период успеавме да ја исправиме на вистинскиот евро-атлански пат. Демократските, фер и регуларни локални избори, покрај сите други реформи што ги отпочнавме, и напредокот во добрососедските односи, отвораат реални евро-атлантски перспективи за државата. А тие подразбираат, пред `се, шанси за економски напредок и квалитетен живот за граѓаните на Република Македонија.
Да мисли секој на интересите на граѓаните и на државата. На потег е секој да ја примени одговорноста што ја покажавме како граѓани пред демократскиот свет, во премрежијата со коишто демократијата ја тестираше нашата зрелост. Демократијата не е лесен и брз процес, но таа е патоказот кон нашата иднина. Да продолжиме со примената на демократските вредности за стабилна и сигурна заедничка иднина.