Економско-социјалниот совет ја одржа 38-та седница на која се разгледуваше и дискутираше Предлог на Законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход. Претставници од Управата за јавни приходи ги информираа членовите на Советот за значењето и целта на измените и дополнувањата на Законот за персоналниот данок на доход.
Со измените и дополнувањата на Законот се ќе се намали административниот товар на даночните обврзници и на Управата за јавни приходи и ќе се унапреди и олесни начинот на плаќање на персоналниот данок на доход.
Во таа насока се предлага исплатувачите на приходите, преку електронски систем до Управата за јавни приходи да доставуваат пресметка на аконтациите на данокот на доход коишто треба да ги платат при исплата на приходите на граѓаните, како и Управата за јавни приходи да изготвува пополнета годишна даночна пријава за секој даночен обврзник, врз основа на податоците со кои располага за остварените приходи на даночните обврзници и пресметаниот данок, со што даночниот обврзник ќе има обврска само да ја потврди или коригира пополнетата годишна даночна пријава.
На членовите на Економско-социјалниот совет им беше објаснето дека овој Закон се предлага во согласност со Проектот на Управата за јавни приходи “Поедноставување на процедурите за известување и плаќање на персонален данок на доход за физички лица” финансиран од ИПА фондовите.