Тркалезна маса:„Петки во дневник – Единици на ПИСА: Пет приоритети за подобрување на квалитетот на основното образование”

Денес, 07.09.2017 година, во организација на граѓанската организација Finance Think, во Хотел „Мериот” се одржа тркалезна маса насловена: „Петки во дневник – Единици на ПИСА: Пет приоритети за подобрување на квалитетот на основното образование”, којa започна со обраќање на британскиот амбасадор, Н.Е. г. Чарлс Гарет и министерката за образование и наука, проф. д-р Рената Дескоска.

Во неговото обраќање, амбасадорот Гарет истакна дека сите се засегнати од образованието, почнувајќи од учениците, нивните родители, наставниците и многу останати, и дека сите имаат што да кажат во оваа дебата и да дадат свој придонес за подобрување на образованието. „Образованието е храна на општеството, ја подобрува економијата, ја зајакнува државата. Oва е инвестирање на Македонија во својата иднина” – додаде тој.

Министерката Дескоска истакна дека нејзината намера е целиот процес на носење на одлуки да биде отворен и инклузивен за наставниците, професорите да можат да дебатираат и кажат свое мислење, искуство и влијаат да се промени или донесе одредена одлука без разлика дали е тоа наставна програма или содржина во учебник. „Многу од работите кои треба да се променат се однесуваат на мотивација на наставниците и учениците, на креативност во работата и учењето, на иницијативност, на инклузивност, на следење на современи трендови во настава и користење современи методи. Наставниците, ние и целиот образовен систем мораме да ги научиме децата како да мислат а не што да мислат”, додаде таа.

Резултатите од спроведените тестирања во 2000 и 2015 година, укажуваат на тоа дека македонските ученици постигнуваат резултати што се под меѓународниот процес. Во 2015-та година, од 70 земји во светот, Македонија била рангирана на 67 место во наука и читање и 66 место во математика. Само 1 процент од учениците имале одлични постигнувања, на најмалку еден предмет, а дури 52.2 проценти имаат лоши постигнувања на сите три предмети, се вели во истражувањето.