Денес пред Владата спектакуларна прослава на Денот на независноста

Денес пред Владата на Република Македонија ќе се одржи Централната прослава за Денот на независноста на Македонија.

Прославата започнува во 17:30 часот, со интерактивна уметничка инсталација – изложба на платото пред Владата и внатре во зградата. Во 18 часот започнува детската театарска претстава “Маша и нејзината приказна” – работена по популарната серија “Бајките на Маша”. Претставата е од интерактивен карактер, изобилува со музички делови, оригинални костими, а секако присутни се и едукативни моменти. Граѓаните кои ќе присуствуваат на настаните ќе имаат можност да ги гледаат Dancers United, танцово студио за инклузивни настапи на танчери со Даунов Синдром и танчери со типичен развој.

Во 19 часот започнуваат со настап Гудачки квартет ВИВА Стринг, а по нив настапува Хорот при Македонската опера и балет со неколку кратки композиции од Прокопиев, како и изведба на химната на Република Македонија. Потоа, во 19:30 часот следува обраќањето на Претседателот на Влада на Република Македонија, Зоран Заев.

По обраќањето на премиерот Заев, од 20 часот на централната прослава ќе настапат и повеќе музички изведувачи: Биг бенд на Здружението на џез музичарите на Македонија, Љубојна со специјалниот гостин Џамбо Агушев, Бени и Нон-стоп со специјален гостин Златко Ориѓански, Влатко Стефановски Трио, К’пурдат од Тетово, Шутка Рома Рап и хип хоп артистот Слаткар.

Сите активности се од отворен карактер, ги покануваме граѓаните да се приклучат и заедно да го прославиме Денот на независноста на Република Македонија.