Европска конвенција на шефови на полиции

На 6 и 7 септември 2017 г. во седиштето на Европол во Хаг, Холандија се одржа Европска конвенција на шефови на полиции (European Police Chiefs Convention – EPCC), на која присуствуваше делегација од МВР, предводена од Директорот на Бирото за јавна безбедност, Лазо Велковски. Конвенцијата беше во организација на Европол и Естонското претседателство со ЕУ, каде што учествуваа Шефовите на полиции од ЕУ и трети држави – оперативни партнери за соработка, како и претставници од меѓународни организации и институции како што се Европската комисија, Interpol, UNODC, WCO, CEPOL и др.

Присуството на Конвенцијата на македонската делегација беше искористено за стварување средби и контакти со останатите шефови на полициите од Европа, на кои се дискутираа теми од заемен интерес. Делегацијата од Република Македонија реализираше неколку билатерални состаноци и тоа со делегациите на Грција, Бугарија и Словенија, Хрватска, Црна Гора и Албанија.

Директорот на БЈБ оствари и посета на Бирото за врска на Република Македонија во Европол, кое е отворено од 1.7.2015 г. со упатување во Европол на Офицер за врска на Република Македонија. Упатувањето на офицер за врска во Европол овозможува интензивирање на соработката со Европол и билатералната соработка со земјите членки и трети партнери.

Оваа година во фокусот на Конвенцијата беа теми од областа на компјутерскиот криминал, финансиско разузнавање како клучна алатка за успешно спроведување на истраги во областа на борба против тероризам и организиран криминал, криумчарење мигранти, ширење на пропаганда за тероризам и насилен екстремизам на интернет и др.