Средба на високи претставници на Министерствата за одбрана на Македонија и на Бугарија

Денеска во Министерството за одбрана на Република Македонија се одржаа билатерални разговори во областа на одбраната помеѓу делегација од Министерството за одбрана, предводена од државниот секретар, Драган Николиќ и бугарска делегација, предводена од Началникот на политичкиот кабинет во МО на Република Бугарија, Илија Налбантов.

За време на состанокот беа разменети искуствата на двете делегации во изработката на Стратегискиот одбранбен преглед, бугарската делегација беше запознаена со формирањето и мисијата на Полкот за специјални операции, а се анализираше и соработката помеѓу Полкот и специјалните сили на Бугарија. На состанокот се дискутираше и за нивната натамошна соработка преку конкретна обука и изведување вежбовни активности.

Двете делегации разговараа и за Воено образовните капацитети на Бугарија и можности за идно упатување на школување на припадници на АРМ во овие капацитети. Стана збор и за можностите за продлабочување на соработката и во областа на Воената медицина, како обука на воени лекари од АРМ во Бугарија и понуда за користење на капацитетите на Регионалниот тренинг центар за медицинска обука на АРМ.

Оваа работна средба претставува потврда за продолжување на успешната соработка помеѓу Македонија и Бугарија.