Чавков: Подобрување на безбедноста во локални рамки е императив на секоја Општина, како што е приоритет и на МВР

„Подобрувањето на безбедноста во локални рамки е императив на секоја локална самоуправа, подеднакво како што е приоритет и на Министерството за внатрепни работи. Во нејзината основа лежат интересите на граѓаните и потребата од дијалог со сите чинители во општествената заедница за навремено детектирање и идентификување на сите проблеми и ризици во локалната заедница и изградба на заеднички-партнерски ефикасен систем за нивно спречување и надминување, како заштита од криминалот“Ова меѓу другото го истакна министерот за внатрешни работи м-р Митко Чавков во своето денешно обраќање на средбата на охридскиот Локален совет за превенција што се одржа во општината на град Охрид, а која што тематски беше посветена на безбедносните состојби на подрачјето на Охрид и околу активностите што се превземаат во пресрет на туристичката сезона

Министерот Чавков нагласи дека – „Миниситерството за внатрешни работи изминативе десетина години вложува максимални напори за промовирање на концептот „Полиција блиска до заедницата“. Само со искрена и непосредна соработка на полицијата и граѓаните може да се надеваме на подобри резултати“. Притоа потенцирајќи дека очекувањата на граѓаните и на полицијата се идентични и во насока на што е можно помала стапка на криминал и нарушувања на јавниот ред и мир, како и зголемување на ефикасност при расчистувањето на делата.

Пред претставниците на Локалниот совет за превенција на опшина Охрид, со коjшто инаку претседаваше градоначалникот Никола Бакрачевски, министерот Чавков презентираше низа податоци околу безбедносните состојби на подрачјето на СВР Охрид при што истакна дека во првите пет месеци од годинава во однос на првите пет месеци лани се бележи намаливање од 18% на делата од класичниот криминалитет, а има позитивен тренд на зголемување од 50-тина проценти во однос на реализаиците против недозволената трговија со наркотици. Исто така, според министерот Чавков зголемена е реализација за околу 50% и по однос на борбата против економскиот криминал, а на исто ниво се задржуваат прекршоците против јавниот ред и мир и состојбите во сообраќајот.

Инаку, министерот Чавков, заедно со челните луѓе на Бирото за јавна безбедност при МВР, м-р Горанчо Савовски и на Управата за безбедност и контраразузнавање м-р Љубчо Андоновски, денес беше во работна посета на Секторот за внатрешни работи Охрид каде што се сретна со раководството на оваа организациона единица при МВР. Притоа министерот Чавков беше запознат со актуелните состојби во тековното работење на СВР Охрид.