Стотици студенти, професори и пријатели присуствуваа на почетокот на 27 академска година н Американскиот Универзитет во Бугарија, што свечено ја отвори поранешниот претседател на оваа земја, Росен Плевнелиев. Тој ќе биде специјален претставник на високо образовната институција, која што ја посетуваат и голем број студенти од Македонија. Меѓу нив е и Ана Марија Џонс, дел од класата 2021.
„Најдобриот аспект од студирањето на Американскиот Универзитет во Бугарија (АУБГ) е можноста да се запознаат нови луѓе, да се испробаат нови нешта и да се остварат сопствените цели. Разновидноста во оваа институција е голема, а тоа е причина повеќе за студирање. Иако сум нов студент, веќе ме освоија одличните работи кои што универзитетот ги нуди. Покрај сето ова, откако ќе дипломираат на АУБГ, студентите добиваат две дипломи, и американска и европска, бидејќи универзитетот е акредитиран и во САД и во Бугарија“ – вели Ана Марија.
Стивен Саливен, претседател на АУБГ, им посака добредојде на студентите и им порача да го извлечат максимумот за време на школувањето.
„Не се плашете да испробате нови нешта, да се соочите со нови предизвици и да создадете нови пријателства. Ќе ве поддржиме на патеката на самооткривање, што е гаранција за вашиот успех во иднината. Образованието базирано на американскиот систем дава слобода да избирате – курсеви, дисциплини, воншколски активности, главни предмети. Обидете се и променете го распоредот според вашите потреби. Рецептот за успешна кариера е да го сакате тоа што го работите. Откријте ја вашата страст“ – истакна Саливен.
Претседателот Плевнелиев рече дека преку новата улога на специјален застапник ќе може да ја презентира Бугарија како земја со првокласно универзитетско образование.
„Американскиот Универзитет во Бугарија има исклучителни професори кои што го пренесуваат своето знаење на талентирани студенти“ – рече Плевнелиев и додаде дека ќе работи на приближување на соработката меѓу бизнис и образовниот сектор, концепт што АУБГ го практикува уште од своето формирање.
Американскиот универзитет во Бугарија е основан во 1991 година, кога дел од него биле 208 студенти, воглавно од матичната земја. Денес, образовната програма на АУБГ ја посетуваат над 1.000 млади луѓе од повеќе од 40 земји. Оваа институција го следи американскиот образовен модел, според којшто студентите го комбинираат тоа што го учат од повеќе дисциплини. Меѓу најпопуларните на АУБГ се: економија, компјутерски науки, бизнис-администрација, политички науки и новинарство и масовни медиуми.