Покрената иницијатива за распишување на референдум против изградба на депонија во Дебрца

Во контекст на новонастанатата ситуација во Општина Дебрца и најавата за изградба на регионална депонија како и големиот револт на жителите, Советот на Општина Дебрца донесе Одлука бр. 08-1327/2 од 04.08.2017 год., за отфрлање на предложеното решение за Дебрца како локација за изградба и работење на регионална депонија и други постројки за управување на отпад во Југозападниот плански регион.

Донесената одлука од Советот, заедно со барањето бр. 03-1328/1 од 04.08.2017 год., за отфрлање на Дебрца како локација за изградба и работење на регионална депонија и други постројки за управување на отпад, беше доставено до Министерот за животна средина и просторно планирање, како имплементатор на проектот за воспоставување на интегриран и финансиски одржлив систем за управување со отпад во Југозападниот плански регион, да во рок од 15 дена го отфрли предложеното решение.

„Поради тоа што до ден денес, не е добиен одговор од Министерот, како и во контекст на донесената одлука од Советот, јас како Градоначалник покренувам иницијатива за распишување на референдум заедно со претстојните локални избори планирани да се одржат на 15-ти Октомври, за изјасување на граѓаните од Општина Дебрца по однос предложената локација за изградба на регионална депонија во Општина Дебрца.

Ги повикувам советниците без разлика на политичка припадност, уште еднаш да ја потврдат својата надпартиска сплотеност и да ја изразат волјата на жителите на Дебрца, и да дадат целосна подршка за дадениот предлог и донесат позитивна одлука за распишување на референдум заедно со претстојните локални избори.

Воедно барам седницата за расправа да биде закажана под хитна постапка согласно законот.“– истакна градоначалникот Трајкоски.