Охриѓани на референдум ќе одлучуваат дали сакаат во нивниот град да се населат мигранти или не, советниците на СДСМ од овој град, како и од сите други каде досега се распишани референдуми, не гласаа ЗА граѓаните сами да одлучат дали сакаат да живеат со мигранти во своите општини.
Илија Арнаудоски, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Охрид кажа дека денеска советниците од СДСМ биле против одржување на референдум.
„Тие од туристички центар сакаат Охрид да го претворат во бегалски камп. Јасно ни е дека ја препознавате манупацијата и ароганцијата на СДСМ. Денеска советниците на СДСМ во Општина Охрид со тоа што беа воздржани, тие всушност гласаа за населување на мигранти. Гласаа за изградба на станови, бесплатно образование, здравство и социјални услуги за мигрантите“, изјави Арнаудоски.
Тој напомена дека советниците на СДСМ биле против граѓаните на Охрид сами да одлучат за иднината на својата општина.
За нас советниците на ВМРО-ДПМНЕ и колационите партнери, како и за независните советници, Љупчо Настоски и Кујтим Усеини, граѓаните на Македонија и Охрид се пред мигрантите. Зошто советниците на СДСМ во Охрид повторно гласаа против референдум и покрај изјавата на нивниот лидер Заев дека ќе ги поддржи референдумите, праша Арнаудоски.
Тој смета дека доколку сето ова не беше чиста вистина и советниците на СДСМ не се плашеле од фактите, немаше денеска да бидат воздржани и да избегнат да ги дадат одговорите на сите прашања кои охриѓани сакаат да ги слушнат.
„Ние за разлика од советниците на СДСМ, Народна партија и еден сателит советник во групата на СДСМ, не бегаме од седниците на Советот, ние сме тука и ги браниме интересите на охриѓани. Го направивме тоа денеска, а уште посилно ќе го направиме на 15-ти октомври. Не за стратегија за населување на мигранти во Охрид“, порача Арнаудоски.
Претседателката на Советот на Општина Охрид, Гордана Коњаноска кажа дека најодговрно тврди дека во ниту еден момент не е прекршена законската процедура затоа што советник, група советници и советничка група, може во секое време и на секоја тема која што е релевентна за Советот да поднесе иницијатива. Како што кажа таа токму тоа денеска се случило.
Заклучокот за прифаќање на иницијативата е на предлог на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, исто така и предлогот односно одлуката за распишување на референдум. Манипулација е споменувањето на потписите, начинот на собирање на потписите и бројот на потписите, заради тоа што не станува збор за прифаќање на постапка на предлог на постапка за спроведување на граѓанска иницијатива, ниту на дневниот ред се најде иницијатива на граѓани, изјави Коњаноска.
Таа кажа дека загриженоста на граѓаните како и каде дале потпис за распишување на референдум, било поттик тие како советничка група да ја покренат иницијативата за референдум. Коњаноска порача дека околу тоа јавноста не треба да има никакви дилеми.