Над 66 илјади земјоделци досега конкурирале за субвенции за 2017 година

Во петок на 15.09.2017 завршува рокот за поднесување барања за субвенции за земјоделството од Програмата за финансиска поддршка во земјоделство за 2017 година. До денеска според податоците од Подрачните единици при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, поднесени се 66.126 барања. Најмногу барања има поднесено во Подрачните единици во Кавадарци 6.233 барања, потоа во Струмица 5.962 барања, Куманово 5.075, Битола, Неготино, Прилеп, Тетово, Кочани, Велес, Свети Николе. Со оглед на тоа дека рокот трае уште пет дена, овие бројки се очекува да променат односно да се зголемат.

Од МЗШВ ги потсетуваат земјоделците дека можат сами да поднесат барање за директни плаќања преку Е-Барање, кое е поставено на страната на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Барањето се поднесува по електронски пат без доставување на документи, а врз основа на претходно евидентирани податоци во Единствениот регистар на земјоделски стопанства и Регистарот за идентификација и регистрација на домашни животни. Одгледувачите на говеда, овци, кози и пчели, пред поднесување на барањето треба задолжително да ја проверат и по потреба да ја ажурираат состојбата на животните во ветеринарното друштво со кое имаат склучено договор. Постапката за поднесување барање за директни плаќања е иста како и претходната година. На сите огласни табли на Подрачните единици на Министерството за земјоделство, на видно место се истакнати сите потребни информации за аплицирање. Земјоделците можат да побраат помош за аплицирањето од Подрачните едници при МЗШВ, каде што го поднесуваат барањето.А исто така можат да ги користат и услугите на Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството.

Како ресорно министерство апелираме, земјоделците да го испочитуваат рокот за аплицирање, за да може поднесените барања навреме да се обработат и субвенциите да се исплатат согласно предвидениот распоред во текот на годината, кој е усогласен со типот на земјоделското производство.