Во Медиа Центарот на Владата на Република Македонија денеска се одржа прес конференција на која беше презентиран првиот дел од анализата на трошоци за тоа колку поранешната влада потрошила во периодот од 10 години за привлекување на странски директни инвестиции, наспроти конкретните резултати добиени од истите.
Портпаролот на Владата на РМ, Миле Бошњаковски пред новинарите ги претстави сознанијата од анализата прикажани низ два столба:
Кеш грантови – пари кои биле префрлени директно на сметките на странските инвеститори
Даночни и царински ослободувања
Трошоци за привлекување на странски инвеститори
Поради обемот на материјалите кои се анализираат, а во интерес да бидат презентирани информаци кои се целосни, портпаролот Бошњаковски рече дека на оваа прес конференција ги опфаќа резултатите од првите два столба, додека за податоците за третиот, односно за трошоците за привлекување на странски инвеститори, ќе се подготви посебен материјал кој ќе биде презентиран на дополнителна прес конференција.
Бројки во анализата, заклучно со мај оваа година, истакна Бошњаковски, велат дека биле дадени над 225 милиони евра, за влез на 25 странски компании, кои оствариле 20.000 вработувања.
Портпаролот на Владата на РМ укажа на заклучокот од овие бројки дека поранешната влада на Република Македонија потрошила пари од буџетот во просек по 11.000 илјади евра по работно место.
Дополнително на ова, потенцираше Бошњаковски, голем дел од овие 20.000 вработувања не биле нови вработувања, туку се работи за преземање на работници од македонското стопанство кои веќе биле во работен однос.
Ова е сумираниот резултат по декласификација на договорите склучени во затворен круг и кои биле затворени за јавноста, рече портпаролот на владата, и додаде дека од договорите е очигледно дека со нив, речиси целосно се игнорирало македонското стопанство.
Бошњаковски укажа на уште еден факт: Не постоел документ или водич со јасни критериуми за преговарање, односно дека – критериуми не постоеле.
Преговарале, министри, советници, промотори, без никави критериуми, а кога завршувале овие преговори владата на Никола Груевски ги класифицирала договорените работи, односно ја обезбедувале тајноста на истите, соопшти Бошњаковски на прес конференцијата, и додаде дека со оваа тајност и недостаток на бројки за евалуација пред јавноста, како што знаеме, беше поткрепена со „фиктивни“ кампањи.
На презентацијата на анализата за ефектикте од странските инвестиции во Владата на РМ, е нагласено дека со тајните договори, после преговорите без критериуми – некои од компаниите на странските инвеститори добивале повеќе, а некои помалку.
„Во исто време, потенцираме дека сите овие договори сè уште се на важност, и Владата на Република Македонија ќе ги исполни во целост обврските пред сите странски инвеститори“, нагласи портпаролот на Владата, Бошњаковски.
Во однос на деталите од првиот столб или грантови и кеш пари, Бошњаковски нагласи дека Агенцијата за странски инвестиции, Техничко-индустриските развојни зони како и министрите без ресор во поранешната Влада на РМ, потрошиле кеш пари во неповратни грантови во износ од речиси – 26 милиони евра, и тие биле распределени на следниот начин:
14 милиони евра биле дадени на странските директни инвеститори за креирање работни места и тоа во согласност со класифицираните договори, некои инвеститори добивале 1000 евра, а некои до 11.000 евра по едно работно место.
„Како што кажавме погоре без критериуми“, потенцираше Бошњаковски.
Дополнително пари од буџетот на граѓаните на Македонија, за истиве овие вработувања за кои веќе реков дека мнозинството биле преземени од македонската индустрија се давале и за обуки.
На име обуки се платени над 5 милиони евра.
И, повторно овие 5 милиони евра се делеле без јасни критериуми: Некои компании добивале 100 евра, а други добивале до 3000 евра по еден работник.
За градежни работи од овие 3 институции кон странските инвеститори се исплатени 10 милиони евра.
Портпаролот на Владата на РМ потенцираше дека ова се грантови односно платени пари од буџетот на Република Македонија на сметките на инвеститорите, и уште еднаш нагласи дека тоа што е важно да знаете е дека – овие договори сѐ уште се на важност, и истите ќе бидат испочитувани од Владата на РМ, што значи дека сумата од 26 милиони евра не е финална туку заклучна со мај 2017 година.
Во однос на вториот столб во анализата, кој го сочинуваат даночни и царински ослободувања, Бошњаковски соопшти дека, во овој период од 10 години, вкупното олеснување што странските инвеститори го добиле по основ на даночно и царинско ослободување, изнесува 69 милиони евра.
Овие пари можеле, но не влегле во буџетот на Република Македонија, нагласи портпаролот на Владата на Република Македонија.
Посебно значаен податок кој говори за неконзистентноста на стратегијата за странски инвестиции и оваа бројка од особен интерес за македонската бизнис заедница и за нашето стопанство – Компаниите на странските инвеститори, според анализата само 1% од своите набавки ги правеле преку македонското стопанство.
Сѐ на сѐ, поентираше во завршницата на прес конференцијата портпаролот Бошњаковски, оваа политика и практика со странските директни инвестиции било повеќе политичко шоу, а не политики за економски раст.