Се подготвува првата стратегија за благосостојба на животните

Агенцијата за храна и ветеринарство активно работи на развој на првата Стратегија за благосостојба на животните во која детално ќе се разработат приоритетите во однос на заштита и благосостојба на животните за наредните 4-5 години. Како што беше истакнато на работната средба која ја оствари директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Др Зоран Атанасов и др Алеш Брецељ, експерт ангажиран на Tвининг проектот “Понатамошен развој на контролните системи на надлежните служби за заштита на здравјето на луѓето, животните и растенијата”, при Агенцијата за храна и ветеринарство, во Стратегијата акцент ќе се стави на системот за заштита и благосостојба на животните за време на превоз, за контрола на популацијата бездомни кучиња, заштита на кокошките несилки, на животните за време на колење како и на развој на кампања за подигнување на јавната свест за принципите на благосостојбата на животните, со акцент на одговорноста на сопствениците на животните.

Алеш Брецељ е доктор по ветеринарна медицина со долгогодишно искуство во областа на заштитата и благосостојбата на животните. Како раководител на Секторот за заштита и благосостојба на животните во Управата за ветеринарство на Република Словенија активно учествувал во предпристапните преговори за влез на Република Словенија во Европската Унија, каде ги стекнал потребните искуства во областа на Евопското законодавство, особено законодавството за здравствената заштита и заштита и благосостојба на животните. По влезот на Словенија во Европската Унија Брецељ во период од 6 години работи за Европската Комисија како аудитор за заштита и благосостојба на животните. Аудитите во однос на проверка на функционирањето на системот за благосостојба на животните ги има спроведувано во земјите членки на ЕУ, како и во земјите кандидати,вклучително и во Република Македонија.