МЗШВ започнува со ревизија на доделувањето под закуп на земјоделското земјиште во државна сопственост во изминатите години

Од денеска Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, започнува со ревизија на регуларноста на процесот на доделување под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост. Со оваа ревизија ќе биде опфатено доделувањето на земјоделското земјиште во изминатите години.

„Ветивме транспарентност и отчетност, продолжуваме со исполнување на ветувањата од Програмата на Владата. На самиот почеток кога ја преземав функцијата министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, најавив ревизија на доделувањето на државното земјоделско земјиште под закуп. Резултатите од ревизијата ќе покажат, на кој начин се доделувало државното земјоделско земјиште, дали се почитувале пропишаните услови и критериуми, законските одредби и дали целиот процес бил транспарентен. Крајно, оваа ревизија ќе покаже дали земјоделското земјиште во државна сопственост било доделувано во рацете на вистинските земјоделци“, изјави министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Со оглед на обемната документација и опфатениот период на ревизијата, целиот просец ќе трае подолг период. Службите кои што ќе ја спроведуваат ревизијата, етапно ќе ги сумираат резулатите, за што јавноста ќе биде известувана.Првиот пресек на ревизијата се очекува да биде готов до крајот на годинава.

Земјоделското земјиште како добро од општ интерес за Македонија, ужива посебна заштита и се користи под услови и на начин утврден со Законот за земјоделско земјиште.А тоа значи, дека корисниците на земјоделското земјиште се должни земјиштето да го користат согласно со неговата намена, да ја одржуваат и зголемуваат плодноста и да спречуваат негово загадување или друг вид деградација.

Според официјалните податоци, од Агенцијата за катастар на недвижности, земјоделското земјиште во сопственост на Република Македонија изнесува 170 илјади хектари. Од нив, моментално под закуп се околу 101 илјади хектари.

Еден од нашите приоритети е целосното искористување на развојниот потенцијал на земјоделскиот сектор, преку зголемување и окрупнување на земјоделските површини и приноси, што ќе значи и поголеми приходи за семејствата кои се занимаваат и кои егзистираат од земјоделството.

Затоа е важно земјоделското земјиште да биде во рацете на оние земјоделци на кои земјоделството им е примарна дејност.

Начелото на правичност и транспарентност ќе биде еден од главните критериуми при доделување на земјоделското земјиште во идниот период, со цел тоа да биде во рацете на вистинските земјоделци. А ефикасното управување со земјоделското земјиште ќе обезбеди негово рационално користење како ограничен природен ресурс.