Спортот како потреба на секоја земја има доминантно место во интересите на државите, особено има големо влијание врз секојдневието на младите во насока кон правилен психофизички развој, како и превенција на младиот човек од зависностите и другите социо-патолошки појави.
Грижејќи се за нивниот статус во општествениот и спортскиот живот, како темел за идно развивање на младиот човек, Агенцијата за млади и спорт додели стипендии на 500 млади талентирани спортисти до 20 години, со цел талентираните спортисти да продолжат во процесот на градење на професионалниот лик како и во делот на создавање идни репрезентативци, кои во иднина ќе ги бранат боите на државата.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски изјави дека стипендистите се објавени во новиот број на ,,Службен Весник”, а документот е достапен и на веб страната на Агенцијата за млади и спорт.
„Сакаме да испратиме јасна порака до младите дека државата се грижи за нив и за нивниот спортски развој. Стимулот на младите од овој тип значи многу, особено ако се знае дека со овие средства може да подмират дел од своите трошоци во текот на спортувањето. Токму стипендијата во износ од околу 4.500 денари месечно која младите спортисти ќе ја примаат во наредните 10 месеци, ќе им овозможи подостоинствен тренажен процес, а ние како Агенција за млади и спорт работиме на дополнителна поддршка на младинските категории во спортот.“ – истакна Каевски.