Министерката Дескоска им посакува на студентите и професорите успешна академска година
Почитувани студенти,
Чест ми е да Ве поздравам и да Ви посакам успешна академска година како дел од академската заедница на Република Македонија. Би сакала да упатам и искрени честитки на сите бруцоши кои своето образование ќе го продолжат на бројните студиски програми, кои ги нудат високообразовните институции во земјава, а со тоа го избраа патот за личен и општествен прогрес базиран на знаење.
Вашето присуство во амфитеатрите и лабораториите докажува дека сте ја разбрале пораката која вели: Инвестирањето во знаењето е најсигурната одлука, како на личен така и на општествен план. Само луѓе кои се стекнале со одредени компетенции, кои се подготвени стручно и професионално да се справуваат со задачите и предизвиците ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот, а со тоа ќе придонесат и за сопствената, но и за општата благосостојба на заедницата во која живеат.
Бидете гласни, искажете го Вашето мислење без страв, бидејќи Вие сте корективот на општествените политики, Вие сте симболот на слободата и на прогресивниот дух и иднината на Република Македонија.
Како министер во Владата на Република Македонија задолжена за образованието и науката ќе се залагам за подобрување на стандардот на студентите, а истовремно ќе ја гарантирам и автомијата на Универзитетите.
Почитувани колеги професори,
Стоиме на иста страна, имаме заедничка мисија, заедничка цел да обезбедиме повисок квалитет на високото образование, академска и творечка слобода. Имате партнер од другата страна, вистински партнер кој заедно со Вас, ќе работи на исполнување на сонот за светски признати универзитети.